Вести Македонија Топ вести

Репортажа од Струмица – сè помалку млади се занимаваат со земјоделство, потребни се стимулации и програми

На струмичките ниви утрото се пречекува меѓу редовите насеани со црвени пиперки. Секоја есен тука се гледа плодот на макотрпната работа на земјоделците. За нив времето се мери од една до друга сезона на садење. Но, наместо млад народ и деца кои ќе трчаат наоколу, струмичките ниви се повеќе наликуваат на запуштени ливади, а луѓето што ги среќавате не се помлади од 50 години.

Реалноста, според Ристо Велков, е сурова и резултат е на повеќе од 30 години ветувања и несистемски вложувања за правилен развој на земјоделството.

„Сведоци сме дека се помалку имаме млада популација која го прифаќа земјоделството како основна гранка на производство. Последните 10-тина дена дојде до разочарување поради цената на увозната пиперка, ајварка, која се нуди по 20 денари. Сè додека не знаеме која култура ќе се посади на која површина, ќе биде вака“, вели Ристо Велков, земјоделец и агроном.

Во градот, пак, има обиди да се прави празник на земјоделското производство. Пет години по ред струмичани организираат агро саеми како мегдан на кој ќе се среќаваат производители, трговци и преработувачи.

Борче Јанев, кој има граѓанско здружение за поддршка на земјоделството, вели дека секоја заложба е важна, но младите на нивите може да ги врати само државата преку правилно насочени стимулации и програми.

„За жал, вистината е таа. Млади земјоделци има сè помалку. Ако се знае дека просечната возраст на македонскиот земјоделец е над 55 години, проблемот е доста комплексен. Мора да работат сите институции поинтензивно за нивно враќање и обезбедување подобри услови во нивното место на живеење. Само така може да се надеваме некои од нив да се вратат“, смета Борче Јанев од ЗГ „Проагро фармери“.

И тутунопроизводителите се на ист став како градинарите. Иако последниве години се задоволни, најголем страв е неизвесноста за пласман и цена по која ќе биде откупен.

„Со тутнот не се знае никогаш. Никогаш не знаеш дали ќе биде подобро или полошо платен. Еве сега го произведуваме, ама не знаеме дали ќе го платат како лани“, вели Дејанчо Донев, тутнопроизводител.

Но, какво и да е производствто, без добра механизација не може да се замисли. И градинарството и индустриските култури бараат современи алатки и пристапи. Велков вели дека државата мора најпрво да почне од основите, да се види која површина за кави култури е погодна, проверка што не е направена повеќе од 60 години.

„Од 1960 година во Република Македонија не е извршена една педалошка анализа на почвата. Што значи тоа? – Дека во одредени региони имаме различни сорти на типови на почви. Секоја култура бара одреден тип на почва каде што може да успева. Затоа неминовно е да се утврдува типот на почвата на која ќе се одгледуваат самите култури. Мислам дека тука ќе бидат и поголеми успесите  ако се знае на кој тип на почва, која култура успева. Така ќе имаме и поголеми приноси и поголеми квалитети“, вели Велков.

Задржување на младите, развој на земјоделството се актуелни теми пред секој изборен циклус. Додека не се изгради државна стратегија која секоја политичка гарнитура ќе ја има како свој приоритет, нивите и понатаму ќе опустуваат, а младите ќе се отселуваат.

Успешно и современо земјоделство во овој регион е приказна што ветува, но нејзиното остварување за оние кои треба да ја живеат, засега е во доменот на бајките.

Сузана Мицева

Б.С.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Запалени автомобилите на адвокатот Алиспахиќ

Дејан Дејан

Поради погрешен матичен број на полицаец вратен на работа со судска одлука- „застана“ здравственото осигурување на сите вработени во МВР

Дејан Дејан

ЦУК: Попладнево активни се три пожари во државата

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе