Треба да се создадат услови за сите деца кои што живеат во Кисела Вода да имаат место во градинките, вели Марко Салџиевски, кандидат за градоначалник на Кисела Вода од „Твоја партија“, во вечерашната дебата во „Топ тема“ на ТВ Телма.
„И јас го имав истиот проблем, во времето на ковид-19, тогаш моето дете не можеше веднаш да се запише во градинка. Не смееме да дозволиме и натаму да ги имаме тие проблеми. Не може да следува урбанизација без сите пропратни елементи кои што се неопходни да овозможат квалитетен живот на сите возрасни категории на луѓе во општината, дали се тоа пензионери, дали се тоа првачиња, дали се деца од претшколска возраст. Значи, места мора да се создадат и тие објекти, доколку не може во постоечките со реконструкција и проширување, треба да се изградат нови“, смета Салџиевски.
Во вечерашната дебата во „Топ тема“ беа поканети сите седум кандидати за градоначалник на Кисела Вода. Присуството го откажа само Марко Ташков од група избирачи.
С.Д.
