За три месеци загубите на ЕСМ пораснале за околу 11 милиони евра. Лош старт на годинава за електрани. Од новиот извештај на Министерството за финансии може да се види дека во првиот квартал минусот во касата на ЕСМ е над 45 милиони евра, што е повеќе во однос на последниот квартал лани.
На прашањето на Телма зошто е продлабочен минусот и како ќе го реализираат планот годинава компанијата да ја заврши со добивка или пак со позитивна нула, од таму објаснуваат дека една од причините за ваквата загуба е тоа е затоа што во првиот квартал од домашните централи било произведено помалку од она што било зацртано, околу 35 отсто.
„Фокусот е ставен на консолидација на ЕСМ преку зголемување на производството на струја, зголемување на ископот на јаглен и намалување на трошоците за набавка на струја. Очекувањата се годинава особено во текот на грејната сезона да се зголеми и производството на струја од хидропотенцијалот со оглед дека во првиот квартал значително беше намалена нивната активност, поради резервите на вода кои во јануари се спуштија на критичното ниво од 6 отсто“ велат од ЕСМ.
ЕСМ скоро се задолжи и за нови 30 милиони евра од домашна банка. Парите се за враќање на доспеани долгови.
На листата на загуби на финансии е и МЖ Транспорт. Некогаш, ова претпријатие го држеше врвот, но веќе подолго време приматот го има ЕСМ.
Тука е и Пошта, Национални шуми, но она што е интересно е и тоа што на списокот, со минус во касата се најде и М- НАВ, но има и медиуми.
Компанијата ЕСМ некогаш важеше за една од најомилените фирми за работа, но веќе извесен период се обидува да ја подобри ликвидноста. Пари за најголемиот производител на струја да застане на нозе од буџетот нема. Проблемите самостојно треба да ги решаваат. Инаку, 2024 година ЕСМ ја заврши со загуба од над 120 милиони евра.
Ирена Чачкова
