Синдикатот бара поништување на огласот за вработување во МНАВ поради прекршување на одредби од колективниот договор.
Според информациите на Телма член на надзорниот одбор на М-НАВ, кој треба да ги контролира директорите на компанијата, бил дел од комисијата што одлучувала за вработувањата на повторениот оглас. На овој оглас, меѓу примените се, Ивана Југ, сопруга на починатиот Игор Југ (осуден за упадот во Собранието на 27 април), Атанас Стамнов, сопруг на директорката на Централниот регистар, Анита Стамнова, и Филип Ѓорѓиев, потпретседател на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ. Во првиот квартал од 2025 МНАВ е во минус од околу 900 илјади евра.
Синдикатот на контролори на летање реагира процесот на вработувања е нетранспарентен и спротивен на законот, повторениот оглас, според нив не требало ни да се случи.
Синдикалците, за разлика од претходниот оглас, не добиле дозвола ниту да присуствуваат на процесот на избор, иако тоа претходно било договорено за да се спречи најавениот штрајк. Штрајкот беше одложен откако Владата вети исполнување на синдикалните барања, стопирање на партиски вработувања, а објавување на конкурси за контролори на летање.
