Нов скок на инфлацијата. Цените растат, од власта повторно само со најава – мерки ќе има наскоро. Според статистиката, инфлацијата во јуни е 4,5 отсто, зголемувања има и кај цените на мало.

Најголем скок за една година се забележува кај овошјето и тоа за над 20 отсто. Сериозно поскапување има и кај зеленчукот. Но, цените вивнале и кај маслото, мастите, млекото, сирењето, јајцата, лебот. Од храната речиси сè е поскапено.
Од бројките може да се види дека граѓаните продолжуваат да се борат со скапотијата. Од Владата пак тврдат анализи се прават.
Премиерот Мицкоски причината за ваквиот скок ја лоцира во поскапувањето на услугите за прехрамбените производи. Но, на кои услуги точно мисли не прецизираше. Се обиде само да објасни. Рече мерки ќе има, но какви и кога не откри. Како и пред извесно време така и денеска кажа дека ќе бидат наскоро објавени.
„Ќе забележите дека во импутот зголемени се параментитре од два проценти, а во аутпутот за 11 проценти. Еве вие заклучете јас ви дадов одговор. Земјоделецот го продава својот производ на некој кој потоа тој производ треба да го однесе кај маркетот и ако тој го продава за 11 проценти по повисока цена тогаш ви е јасно“, рече премиерот Христијан Мицкоски.
Поскапување има и кај рестораните и хотелите, здравствената заштита, облеката обувките.
Од јануари до јуни годинава пак во однос на истиот период лани цените скокнале за 3,8 отсто, за приближно толку има раст и кај цените на мало.
Проблемите со скапотијата траат веќе долго време. Последните мерки кои беа донесени за да се ублажи ударот истекоа на крајот на април. Надлежните ветија дека од тогаш ќе ја следат состојбата и ако има скок ќе реагираат.
Планот пак на владата е годинава да се заврши со стапка на инфлација од 2, 8 проценти.
Ирена Чачкова
