Вести Економија Македонија Топ вести

Славески до банките – Или намалете ги провизиите или ние ќе ви ги намалиме

Trajko Slaveski, Makedonska bankarska asocijacija, Maja Sterieva

Гувернерот на Народната банка Трајко Славески побара од банките да ги намалат провизиите за платежни услуги кои им ги наплаќаат на граѓаните. Ако не се договорат им се закани со донесување закон со кој Народната банка ќе ги регулира провизиите.

„Ако цените на електричната енергија, на природниот гас, на снабдувањето со вода, на телекомуникациски услуги се регулирани, така ќе бидат регулирани уште можеби од есен и цените на платежните услуги“, вели Славески.

На денешната средба со Македонската банкарска асоцијација, Славески рече дека 18 отсто од нето-приходите на банките во 2024 доаѓаат од провизии и оти банките имаат многу повисок поврат на капитал од останатите економски сектори. Намалувањето на провизиите ќе придонесе и до намалување на сивата економија, затоа што повеќе пари ќе одат преку сметка, наместо во кеш.

„Високите трошоци за извршување на плаќања може да бидат бариера за користење на официјалните канали, особено кај населението со пониски примања, кое во услови на ценовно недостапни услуги ќе мора повеќе да се потпира на готовина. Надоместоците за платежни услуги треба да бидат на разумно ниво. Тоа е една од темите за која како претставници на НБРМ ќе разговараме со претставниците на банките денес. Доаѓаме со конкретни предлози и идеи за намалување на провизиите коишто ги плаќаат граѓаните и компаниите при користењето на платежните услуги. Целта е нивно поставување на ниво кое ќе биде одржливо за банките, но истовремено и фер и прифатливо за корисниците“, вели Славески.

Одржување платежна сметка, електронско и мобилно банкарство, меѓубанкарски плаќања во денари, подигнување пари од туѓ банкомат, ПОС терминали. Според Славески, провизиите за овие услуги или треба да се намалат или целосно да се укинат како што е во ЕУ. Тој рече дека НБРМ ќе го направи првиот чекор со тоа што ќе ги намали провизиите кои им ги наплаќа на комерцијалните банки.

Банкарите не се задоволни од барањето, но ќе работат на намалувањето. Велат и ние имаме трошоци.

„Би морале за секое поединечно намалување, колку и да имаме желба да го намалиме, да видиме кои ни се трошоците од другата страна. Сите знаеме дека ние имаме сериозни расходи во Македонија за кадарот во ИТ индустријата, сериозни расходи во делот на картичното работење кон странските провајдери“, вели Маја Стевкова Штериева од Македонската банкарска асоцијација.

Во 2024 година, банките во Македонија оствариле профит од 283 милиони евра, што е раст од над 20 отсто во однос на претходната година.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Додека трае истрагата за 29 полицајци, Обвинителствп за гонење организиран криминал и корупција не може да ги прими на средба родителите од Кочани

Дејан Дејан

За Жерновски цела ВМРО-ДПМНЕ живее во розов свет, Лефков дециден дека со закочени автопатишта нема економски раст

Дејан Дејан

Лефков: Ние веруваме во нашите партнери во ЕУ, не веруваме во интересите на Бугарија

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе