Вести Економија Топ вести

Ако трговците се служат со трикови, Владата ќе се служи со мерки

Сите очи се вперени во државниот Пазарен инспекторат од чиј извештај зависи дали владата повторно ќе влезе во костец со трговците и ќе ги санкционира, бидејќи имало нереални и енормни поскапувања на цените на производите по истекот на мерката за скалесто ограничување на маржите.

Пазарниот инспекторат ги контролираше производителите, а до крајот на месецот контроли ќе има и кај трговските ланци и кај увозниците и дистрибутери, а ќе се проверува какви трошоци се пријавени кои влијаат на формирањето на цената, како и цената на производите од влез во Македонија до рафт во маркет или тезга на пазар.

Премиерот Христијан Мицкоски кажа дека засега не е регистрирано зголемување на цените и ако тоа се случи, автоматски ќе се активираат мерки кои ќе траат до крајот на годината и ги предупреди трговците да не се служат со трикови за да го заобиколат Законот за забрана на нефер трговски пракси.

„Разговарав со министерот пред два дена (Дурмиши н.з.), ми покажа бројки и немам информација дека тоа се случува, но и доколку се случи тоа, на крајот на месецот автоматски ќе бидат применети мерки кои ќе траат до крајот на годината. Слушавме трикови преку прокси правни лица, ќе се изнесуваат пари под плаштот на маркетинг и ПР услуги и со тоа практично ќе се плаќа маржа која што се плаќаше во минатото на одредени маркети. Слушаме, информациите стигаат до нас, вознемирени сме, не е добро тоа што го слушаме, бидејќи на тој начин не може да градиме партнерски односи“, вели премиерот Христијан Мицкоски. 

Претходно министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши кажа дека како драстично поскапување смета зголемување на цените од 15 до 20 проценти и дека тоа ќе биде сигнал за активирање на мерки, без да прецизира кои и какви.

Од Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) соопштија дека предметот со картелското здружување на четири ланци маркети и Сојузот на Стопански комори (ССК) е при крај. На ССК идната недела ќе им биде доставено конечното решение со глоба која може да изнесува најмногу до 1 отсто од вкупниот промет во минатата година. Кога станува збор за ланци на маркети, до крајот на месецов тие ќе добијат конечно известување на кое тие може да достават факти кои не биле досега користени во постапката, а потоа следува конечно решение.

„На конченото известување во рок од 8 дена имаат право да достават факти кои досега не се презентирани во постапката. Потоа се изготвува конечното решение во кое ќе биде наведена глобата која може да изнесува до 10 проценти од вкупниот годишен промет. Правните лица имаа право на жалба пред Управниот суд“, велат од Комисијата за заштита на конкуренција (КЗК).

Маркетите и аптеките имаат рок до крајот на месецот задолжително да ги објават цените на продуктите кои ги продаваат на нивните официјални веб страници.

Огнен Чанчаревиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

„Децата мора да се охрабруваат да говорат за булингот“ пораки од работилница во Гази Баба на општествено одговорната кампања „Крени Глас“ на Макпетрол

Дејан Дејан

Во болницата во Кочани стои нова хипербарна комора без специјалист да ја стави во функција велат од “SupportКоcani“

Дејан Дејан

Пет барања испрати семејството на Фросина од протестот по пресудата од 12 години за Васил Јованов

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе