Сите финансиски пазари во Азија и Европа остварија добивки, откако Доналд Трамп објави 90 дена пауза на мерките за земјите погодени од американски царини, освен Кина која доби царини од 125 отсто. Раст на берзите бележат и европските земји, додека акциите на Волстрит постигнаа историски скок.
Пекинг е отворен за преговори со САД, но врз основа на почитување на сите страни, без притисок и закани.
„Вратата е отворена за разговори, но дијалогот мора да се води на рамноправна основа и врз основа на взаемно почитување; и Кина ќе се бори до крај. Притисокот, заканите и уцените не се вистинскиот начин за справување со Кина“ изјави Хе Јонгкиан, портпаролка на кинеското Министерство за трговија.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен ја поздрави најавата на американскиот претседател Доналд Трамп.
„Ја поздравувам најавата на претседателот Трамп за паузирање на реципрочните царини. Тоа е важен чекор кон стабилизирање на глобалната економија. Јасни, предвидливи услови се од суштинско значење за функционирањето на трговијата и синџирите на снабдување“ соопшти Урсула фон дер Лајен, претседателката на Европската комисија.
Европската Унија која претходно се согласи за контрамерки кон САД, денес одлучи дека ќе ги стави на 90 дневна пауза одмазничките контра царини, со цел постигнување на договор.
„Сакаме да преговараме, сакаме да разговараме, цениме дека вие (САД) ја ставивте оваа пауза на таканаречените реципрочни тарифи и ние за возврат сега ги паузираме нашите предложени контрамерки со цел да имаме максимален простор да се консултираме со нашите земји-членки, да се консултираме со нашата индустрија и да преговараме со САД. Подготвени сме да склучиме договори. Ајде да зборуваме“ изјави Олоф Гил, портпарол на Европската комисија.
Азиските акции пораснаа, Јапонија бележи раст од 9 отсто, Индонезија повишување за 5 отсто, додека Тајланд ја поздрави одлуката на САД. Аналитичарите очекуваат регионално враќање и подобрување на состојбата на берзите, сепак многу се на ставот дека е се уште нестабилно и заканата од рецесија не е исклучена.
Tea Димковска