Инфлацијата со нов скок. Во февруари годинава во однос на истиот месец лани е повисока за 5 отсто, а цените во трговијата на мало за 4, 2 отсто, објави статистика. Ова се случува во период кога веќе се на сила ограничените маржи – мерки кои со денови се договараа, а се донесоа за да се ублажи ценовниот шок. Храната и пијалаците повторно најмногу на удар, растот таму е 6, 6 отсто.
Најголемо покачување на годишно ниво е забележано кај безалкохолните пијалаци, маслото, сирењето, јајцата, млекото зеленчукот, месото.
Државен завод за статистика
Кафе, чај, какоа 19, 2%
Базалкохолни пијалаци 17, 6 %
Масло 13,0 %
Зеленчук 8, 7 %
Млеко, сирење, јајца 8, 1 %
Месо 6, 5 %
Овошје 4, 5 %
Леб 3, 3 %
Но, за министерката Кочоска периодот кога се прави споредбата е според, затоа што во февруари лани имало друга влада.
„Минатата година до крајот на февруари важеа мерки на претходната влада, а оваа година почнувајќи од 18 февруари стапија на сила новите мерки поради што нели не ни се соодветни за споредба периодите. Но, сепак како влада остануваме посветени нели на изработка на една стратегија или еден правец на кој што ќе се работи може би малку по темелно на еден среднорочен период да не ни создава вакви проблеми како сега“, изјави министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска.
Интересно е што во однос на јануари, кај храната и пијалаците има скок од 1, 4 отсто, а и во двата месеци има мерки за намалување на цените нешто на што граѓаните се жалат веќе подолг период.
Во меѓувреме ССМ пресмета повисока минимална кошничка, односно нов пораст на месечните трошоци за живот на едно четиричлено семејство. Но и кошничка за министерката Кочоска е спорна.
Откако, премиерот Мицкоки кажа дека во нејзе има чудни работи, и за Кочоска е нејасно зошто во нејзе има грашок во конзерва, но и 13 литри млеко. Инаку, инфлацијата расте веќе неколку месеци по ред.
Ирена Чачкова