Вести Македонија Најважни

Тендери за ТИРЗ во Штип и Струмица- со краток рок за изградба им доделиле тендер од 12 милиони евра, кривична за 8-мина меѓу кои и Деспотовски

Добиле тендер за 10 милиони евра, тврдејќи дека ќе ја изградат инфраструктурата во Индустриските зони Штип и Струмица за 120 дена, но не ја завршиле работата на време и дополнително побарале и добиле уште околу два милиони евра за градежни работи. Поради изборот на фирмата „Зобек Мининг“, која со поскапа понуда го добила тендерот, финансиската полиција и обвинителството поднесоа кривични пријави против 8-мина затоа што ја овозможиле таа зделка.

Првоосомничен е екс директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски кому му е одземен пасошот. Осомничени се и тројца од Бирото за јавни набавки бидејќи иако управната контрола на тендерот покажала неправилности и нерегуларности, постапката не била поништена. И претседателката на Комисијата за жалби и тројца членови на оваа второстепена комисија исто така се осомничени бидејќи ја отфрлиле жалбата на поевтиниот конкурент.

Финансиската полиција тврди дека воопшто не го разгледале градежното вештачење кое покажувало дека за работите за кои е распишан тендерот минимум за извршување се 270 дена, а не двојно помалку поради што Зобек мининг потпишал зделка во вкупна вредност од околу 12 милиони евра.

-Кога фирмата не го испочитувала дадениот рок од 120 календарски дена за изведба, кој бил најважен услов за добивање на зделката, осомничениот директор не презел службени дејствија во насока на раскинување на Договорот за јавна набавка, активирање на доставените банкарски гаранции и наплата на договорна казна преку пенали за доцнењето при изведбата, соопштија од Финансиска полиција.

Јован Деспотовски во изјава за Телма вели дека сите ревизии и негови аргументи доставени во обвинителството покажуваат дека немало злоупотреби и дека инвестициите во ТИРЗ меѓу кои и оспорената покажуваат резултати со вработување на над 1 000 луѓе во слободните економски зони.

Според Финансиска полиција, 8-мината осомничени со неизвршување на нивната службена должност, овозможиле противправна имотна корист на фирмата добитник „Зобек мининг“ поради што е отворена финансиска истрага. Замрзнат е имот на фирмата и на осомничените, а судот одобри да се забрани располагање и отуѓување на недвижен имот во Карпош и Кисела Вода, како и со службени автомобили, камиони и механизација на фирмата. Финансиската полиција бараше и замрзнување на парите на четири трансакциски сметки со повеќемилионски суми на нив, а сметките се на три физички лица и на една фирма.

Миомир Серафимовиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Дејан Дејан

Нетанјаху замина да разговара со Трамп за прекин на огнот во Газа

Дејан Дејан

Полска воведува гранични контроли со Германија

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе