Вести Македонија

Истрага на финансиска полиција за ТИРЗ и тендерите на „Зобек Мининг“

Набавките во ТИРЗ за уредување на земјиштето во економските зони во Македонија вредни над 22 милиони евра се под истрага во финансиската полиција поради сомнежи за злоупотреби, потврдија извори на Телма. Фирмата која склучила 5 договори со ТИРЗ и во која финансиската полиција веќе направила увид се вика Зобек, а позната е и по големиот тендер за набавка на јаглен за РЕК Битола.

Финансиската полиција веќе работи на истрага за фирма која имала 5 тендери во ТИРЗ за изработка на инфраструктура во економските зони во Штип и Струмица, а била учесник и добитник на договори за набавка на јаглен за РЕК Битола. Извори на Телма потврдија дека веќе се прибираат документи во самата фирма, но и во државните институции кои склучувале милионски договори со компанијата.

Станува збор за фирмата Зобек Мининг. Таа во периодот од февруари 2022-ра до март 2024-та добила вкупно 5 тендери во ТИРЗ за правење на инфраструктура во зони, за нивелирање на парцели во зоните и за подготовка на терен за поставување на соларни панели. Вкупната сума на овие зделки е над милијарда и 370 милиони денари односно околу 22,37 милиони евра. Првично се истражува начинот на правењето на тендерските услови за кои постојат сомнежи дека била фаворизирачки за конкретна компанија да ја добие јавната набавка.

Фирмата Зобек исто така склучи зделка со РЕК Битола за набавка на јаглен во вредност од над 20 милиони евра. Во истражувањето на КОД објавено во февруари оваа година беше наведено дека фирмите добитнички на зделките за набавка на јаглен имаат врски со поранешното раководоство на СДСМ и семејството на екс премиерот Заев.

За зделките во ТИРЗ, обвинуваше и ВМРО-ДПМНЕ во опозициските денови лани во октомври дека тендерите се наместени, но од СДСМ и од тогашниот директор на ТИРЗ Јован Деспотовски стигнаа деманти односно дека фирмата Зобек ги допбивала тендерите пред другите конкуренти кои се занимаваат со градежништво.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Размена на оган во јужен Либан и покрај примирјето меѓу Израел и Хезболах

Дејан Дејан

Пожар во хотел во Доминиканската Република, евакуирани речиси 1.700 туристи

Дејан Дејан

Расте бројот на корисници на интернет преку оптичка мрежа

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе