За десетина дена ќе има појасна слика какви сметки за струја ќе плаќаат граѓаните во следниот период. Тендерот на кој и ЕСМ треба да достави понуда со цена по која би ја продавал својата електрична енергија на ЕВН ХОУМ е веќе објавен.
На 20 ти месецов ќе биде и акцијата. Од тоа по која цена ЕВН ХОУМ ќе добива струја, најмногу ќе зависи дали таа ќе поскапи или ќе поевтини. За да се намали цената, на повикот треба да стигне понуда за поевтин мегават, кој сега чини 58 евра.
До сега на тендерот на Универзалниот снабдувач се јавуваа државните електрани, но овој пат од Регулаторната комисија за енергетика, очекуваат во вакви услови, на пониски цени на пазарот да се јават и други понудувачи.
Одлука ќе се носи само за потрошената струја, но не и за мрежарината. Тука корекција ќе има дури во декември.
Во меѓувреме граѓаните веќе два месеци добиваат сметки без процентот кој означуваше колку изнесува поддршката од Владата. Интересно беше тоа што за да може ЕСМ да испорачува поевтина струја, добиваше пари од буџетот кој го полнат граѓаните и фирмите, но тогашната Влада тоа го нарекуваше субвенција.
Според, анализите околу две третини од граѓаните имаат потешкотии да ги покријат трошоците за електрична енергија. Дали во следниот период ќе има некаква помош и каква би била таа, ќе зависи од политиките на новата Влада.
Интересно е и тоа што на ЕВН ХОУМ кој беше избран повторно да ги снабдува домаќинствата и малите фирми со струја, се уште не mу е продолжена лиценцата за да ја врши улогата на Универзален снабдувач.
Според, информациите една од фирмите кои исто така пројави интерес за Универзален снабдувач, поднеле жалба. Од надлежните било побарано и мислење од Владата кое е доставено и сега се чека одлука.
Ирена Чачкова