Речиси два месеца ќе бидат потребни за да се санира железничкиот мост на Црна река, поради кој веќе два дена во целосен прекин е товарниот железнички сообраќај. Ова се првичните проценки и на надлежните од МЖ Инфраструктура, но и на ангажираните експерти од градежниот факултет.
Сепак, велат, санацијата многу ќе зависи и од временските услови. Компаниите кои го користат транспортниот железнички сообраќај во работењето веќе бројат загуби. Од сегашните нарачки нема да имаат никаква заработка, туку ќе бидат во минус, затоа што имаат зголемени трошоци за транспортот на робата, која ја носат до солунското пристаниште.
На железничкиот мост се случи поместување на еден од средните столбови. На терен се повикани и нуркачи од МВР кои проверуваат што се случува со темелот и дното на речното корито.
Освен со товарниот, поради оштетениот мост, железница има проблем и со патничкиот сообраќај. Од Скопје до Гевгелија и обратно се патува комбинирано. Поради проблеми со локомотивата, се укина и единствената линија до Битола. На граѓаните им остана само возот од Скопје до Велес.
Веќе подолго време македонската железница е во хаос. Финансиските дупки постојано се крпат со пари од буџетот, пругите се стари, локомотивите децениски. Машиновозачите редовно излегуваат на блокади поради плати. Бунар без дно е она што постојано се зборува за железницата. До кога ќе се прави дотур на милиони за да преживее без да се стави ред во секторот, одговори нема. Но, она што се знае е дека министерот за транспорт Бочварски, утре во Белград со српскиот министер за транспорт и инфраструктура Горан Весиќ, ќе потпише Меморандум за изградба на нова брза пруга од Ниш до Скопје,
„Тоа е меморандум кој ќе го потпишеме утре со владата на Северна Македонија. За тоа сум посебно горд, работевме интензивно изминативе месеци“, изјави српскиот министер за транспорт и инфраструктура, Горан Весиќ.
И додека се подготвува терен за новата пруга, онаа до Бугарија се гради со децении. Оваа пруга е проект кој е ветуван во речиси сите изборни програми на сите политичари но крајот никако да се види.
Ирена Чачкова