Деветмината македонски државјани од Велес кои беа затекнати во Тел Авив за време на нападите на Хамас врз Израел веќе се безбедно вратени назад во Македонија, брифираат извори од МНР за Телма. Тие доцна синоќа ја напуштиле Тирана со комбе откако претходно пристигнаа таму со помош специјалниот лет на Владата на Албанија.
Станува збор за само еден дел од македонските државјани пријавени за евакуација од Израел, преку отворените канали на македонското Министерство за надворешни работи. Досега, официјалните информации велат дека седум македонски државјани кои туристички престојувале во Витлеем, успешно ја минале границата со Јордан и сега се на безбедно. За неколку дена ќе се упатат кон Македонија.
Четиричлено семејство, пак, кои биле во Тел Авив преку комерцијален лет се упатиле кон Истанбул, од каде што продолжува нивното патување кон Македонија.
Министерството за надворешни работи формираше Кризен штаб за полесно да се координираат активностите за евакуација. Според проценките, досега 100 до 200 македонски државјани се пријавиле дека престојуваат во загрозените подрачја.