Вести Економија Топ вести

Нема да расте ДДВ-то за домашните кашкавали и сирења, ама листата нема да се ревидира

Листата на производи каде ќе се прави корекција на данокот нема да се ревидира, но може да има исклучок на некој производ, ако се покаже дека се користи секојдневно од граѓаните. Ова денеска го порача премиерот Димитар Ковачевски на отворањето на фестивалот „Вкуси ја традицијата“ во градскиот парк во Скопје, по најавите дека на одредени продукти од 5 отсто ќе им скокне данокот на 10, а тоа може да доведе до нивно поскапување во маркетите.

„Доколку постојат неколку производи, бидејќи се работи навистина за 1600 производи, ако има еден, два, три производи кои навистина претставуваат во количини нешто што се користи на секојдневна основа, тогаш може да се разгледаат“, рече премиерот.

Тој додаде дека и тие производи што се со данок од 10 проценти се на повластена стапка, што значи дека нема зголемување на стапката на ДДВ која е 18 проценти.

И додека се поздравуваше со домаќините на фестивалот и пробуваше од ракијата и другите домашни производи, критика за даночната политика му стигна од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Зголемениот данок за луксузни производи се претвори во повисок данок за основните производи, порача Мицкоски при денешната посета во Велес.

„Им недостасуваат пари, што прават тогаш, тогаш единствен извор за повеќе пари им се поголеми даноци на сметка на граѓаните, на грбот на граѓаните, затоа граѓаните треба да се свесни дека секој еден денар што го плаќаат повеќе за производите кои што до вчера ги плаќале поевтино се директно пари за тендери во четири очи на владата на ДУИ и СДСМ и се директно пари кои што ги плаќаат на овие луѓе кои што се дел од коалицијата ДУИ и СДСМ“, рече Мицкоски.

Според премиерот пак со мерките се штити стандардот на граѓаните и Ковачески е сигурен дека инфлацијата ќе се намали наредната недела, а до крајот на годината ќе изнесува 5 проценти.

„Постоеа шпекулации дека брашното ќе се покачело од 5 на 10, што не е точно, бидејќи основните типови на брашно коишто се користат во нашето домаќинство остануваат на 5 проценти. Се зборуваше дека кашкавалот ќе се покачел. Гледам какви шпекулации и хистерија се шири како и за сите други прашања, што не е точно, затоа што овие производи кои ние ги користиме се произведуваат во нашата држава, кашкавалот, сирењето и итн сите се на 5 проценти“, рече Ковачевски.

Но, сепак и покрај тврдењата на премиерот, на долгиот список на продукти за кои ќе се плаќа повисоко ДДВ не станува збор само за перки од ајкули, месо од ирвас. Туку ги има и џигерот, брашното, млекото, павлаката, видови сирење, урда, сушен зеленчук, апетисани, чај, компир, зденки, видови на кашкавал, тестенини, просо и уште многу други. Одлуката беше објавена во службен весник на 28 септември, а вчера стапи на сила.

Марија Митевска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Мотоциклистот кој смртно го прегази пешакот Николовски однесен во Шутка – судот му определи затворски наместо домашен притвор

Дејан Дејан

Се е поскапено, инфлацијата повторно скокна, мерки засега во најава

Дејан Дејан

Ќе расправа ли Собранието за интерпелација на претседателот на Уставен – „виси“ точката на Дневен ред

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе