И утринава скопјани се разбудија претрупани во ѓубре и смрдеа. Иако синоќа дел од камионите на Комунална хигиена со полициска асистенција излегоа да чистат сепак најверојатно неколкудневното таложење и насобирање на отпадот не беше лесна мисија за да се собере за неколку часа.
Градоначалниците се договорија денеска да се сретнат да донесат решение како да го исчистат Скопје.
Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски утринава за Телма, рече дека во координација со другите градоначалници и денеска ќе се разговара за одземање на ингеренциите на ЈП „Комунална хигиена”.
Градоначалникот на скопската општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски во утринските вести на Телма потврди дека ќе заседава Скопски плански регион и заеднички ќе се бара решение.
Со Герасимовски и со Ѓорѓиевски разговараше Марија Коцева
Откако Скопје со денови се давеше во ѓубре, доцна синоќа со полициска асистенција камионите од ЈП „Комунална хигиена” во Скопје конечно излегоа на улица да собираат смет.
Протестот на вработените ја блокираше работата на претпријатието. Бојкотот следуваше како одговор на одлуката на директорката Косана Николиќ Мазнева во петокот на неколкумина вработени да им додели откази со обвинување дека ги злоупотребиле своите работни места за лични интереси.