Белиот и полубелиот леб пристигнаа во маркетите во Скопје и тоа по цена од 33 денари, а граѓаните едвај го дочекаа. Рафтовите од рано се наполнија со лебот на приватните компании кои три дена не го испорачуваа.
Но, кој подрани, го начека лебот. Оние кои дојдоа подоцна во поголемите маркети начекаа празни рафтови. Во разговор со продавачките дознавме дека ефтиниот бел леб пристигнал утринава, но брзо потоа бил повлечен од пекарите и луѓето начекаа празни рафтови.
Откако не падна договор и Владата остана на ставот пекарската индустрија да го испорачува лебот со замрзната маржа, пекарите решија да ја тужат државата и да бараат отштета од 4,5 милиони евра. Според правните експерти, државата по Устав има право да ја ограничи цената на маржата, а пекарите немаат основ за тужба бидејќи го прекршиле Законот за заштита на конкуренција и со организираното договарање наликуваат на картели.
Пекарите можат да тужат, но ако судот одлучи во корист на државата, казните се драконски, вели Пепељугоски, односно ќе треба да платат 10% од прометот од минатата година.
Одлуката да тужат, според Пепељугоски, е пребрза, а за решавање на овој проблем е потребен договор. Во време на пандемија обаснува тој со повеќе ограничувања на цените ниту еден производител не се дрзнал да каже дека нема да произведува, ниту да продава.
Министерот Бектеши пресметал дека пекарите купувале двојно поевтин гас од државната ЕСМ, а продавале поскап леб.
За текот на наредната недела е најавено ново замрзнување на цените на некои производи, особено на тестенините и млечните производи.
Симона Петровска