„Вреди“ и ДУИ разменија остри пораки по конгресот на кој владејачката албанска коалиција објави трансформација во единствен политички субјект.
Од „Вреди“ порачаа дека обединувањето претставува „нова политичка визија“ за Албанците, заснована врз владеење на правото, европска ориентација и економски развој. Според нив, процесот означува крај на политичката фрагментација и почеток на ново поглавје во албанскиот политички блок.
ДУИ, пак, денеска оцени дека не станува збор за обединување, туку за „последен очаен крик за политички опстанок“. Од партијата велат дека изборот на двајца лидери е доказ за внатрешни поделби и недоверба во „Вреди“, обвинувајќи ја коалицијата и за неисполнети ветувања околу уставните измени, борбата против корупцијата и економските политики.
Од „Вреди“ на Конгресот порачаа дека ќе се мерат според резултатите во економијата, образованието и институциите, додека ДУИ најави дека функционерите на коалицијата ќе бидат предмет на „меѓународен ветинг“ и ревизија на имотот.
