Замислете сателити, дронови, роботи, сензори и камери кои го скенираат плодното земјиште и даваат драгоцени податоци за земјоделците. Што е засадено секоја година на кое поле. Пченка, шеќерна трска, малини. Вештачка интелигенција и сложени алгоритми обработуваат снимки и даваат важни податоци. Се следи влажноста на земјата за да се види како од година во година се менува почвата и колку вода им е потребна на културите што се засадени. И секое растение да добие точно толку вода колку што му е потребно. Ни капка повеќе, ни капка помалку.
А, тука е и проектот со НАСА преку кој се следи што се случува со водните ресурси и земјоделството. Се следи како се менува климата и како влијае на земјоделските култури. Има и платформа што ја користи министерството за земјоделство на Србија, преку која, во реално време се следи палењето стрништа и им помага на властите да ја прекинат оваа навика на земјоделците.
И ова не е сценарио од научно-фантастичен филм, туку пракса што функционира и по која работи Институтот Биосенс во Нови Сад.
Ако отидете на интернет страницата на овој институт и се обидете да разберете што работат, со шематски приказ тоа изгледа вака. Но, ако прашате некој од тамошните научници, се добива поедноставен одговор.
„Најголем дел од она што го работиме е врзано за науката, но она што нè одвојува од многу други институции е што се обидуваме научните резултати кои ги имаме, да ги пласираме кон стопанството, земјоделците и сите останати. Од една страна ги имаме земјоделците за кои даваме обработени сателитски фотографии, сензори, начин да водат дигитална книга, итн. Потоа тука се банките. Со Светска Банка имаме заеднички проект, каде помагаме во кредитирањето на мали земјоделци низ дигитални технологии, автоматска обработка на податоци водена од Вештачка интелигенција. Тука се осигурителните компании за потврда на штетите, за преглед на корисници, но и сите други чинители во земјоделството и био-системите, екологија и заштита на животната средина“, вели Оскар Марко од „Биосенс Институт Србија“.
Станува збор за Институт кој е најактивна организација во Србија во европските научни проекти, односно во програмата „Хоризонт Европа“ посветена на истражување и иновации. Досега ЕУ инвестираше во Институтот повеќе од 30 милиони евра. Оскар Марко вели дека, иако земјоделството е тешка работа, новите технологии овозможуваат повеќе млади луѓе да се занимаваат со земјоделие.
„Денес имаме и смена на генерации во земјоделството, така што сè повеќе млади луѓе доаѓаат во производство, сè повеќе се ориентираат кон овоштарство, лозарство, градинарство, каде се потребни контролирани услови за сериозно производство. А, тие контролирани услови подразбираат користење сензори, сателити, дронови. И некои работи како дроновите, кои пред 10-тина години беа научна фантастика, денес се реалност. Мислам дека нема прослава на 18-ти роденден и свадба без дронови, а наскоро нема да има ни земјоделско производство“, додава Оскар Марко.
Институтот Биосенс, каде Марко е раководител на Центарот за информациски технологии, почна со работа пред 10-тина години. Од тим кој на почетокот имаше 15-тина вработени, сега е сериозна институција со повеќе од 180 вработени. Меѓу нив беше и Васко Саздовски. Човекот родум од Свети Николе, за кој малкумина овде знаеја додека не се случи трагедијата во Нови Сад, кога се урна натстрешницата на Железничката станица во градот кога загинаа 16 луѓе. Меѓу нив и научникот и стручњак за роботика Васко Саздовски.
„Васко кај нас дојде како еден светски стручњак за роботика. Имаше искуство од Германија, Хрватска, Македонија. Еден весел дух и освен тоа што стручноста беше несомнена и огромна, беше важен дел од колективот кој ни даваше сила да продолжиме понатаму. Васко веќе го нема. За жал, сите знаеме што доведе до тоа. Ние како колектив сме тажни и не можеме да веруваме дека го нема. Единствено што можевме да направиме е да го зачуваме споменот за него и амфитеатарот во Биосенс кој е меѓу најубавите во Србија го доби неговото име“, вели Оскар Марко од институот Биосенс.
Од студентските амфитеатри до старт ап кој се шири низ целиот регион. Бивши или сегашни студенти од Универзитетот во Нови Сад од тимски натпревар за хардверско или софтверско решавање на проблеми станаа лидери во мапирање на покривите на кои се ставаат соларни панели.
„И така почна нашиот алгоритам потоа почнавме разговор со луѓето од индустријата на соларни панели, имавме одличен професор Александар Анѓелковиќ, кој нè поддржа во тоа. Го претворивме тој технички производ кој беше интересно инженерско решение во нешто што соларните компании можат да го користат. Да го проценат соларниот потенцијал на покривите. Она што сега го работи нашиот софтвер во седум држави помагаме на соларните компании на брз начин, се на се за 60 секунди, да го одредат соларниот потенцијал на било кој покрив без разлика на тоа дали е домаќинство или некој индустриски објект и на своите потенцијални клиенти многу брзо и едноставно да им објаснат колку би чинела соларна електрана, дали им се исплати и така да ја поттикнат и да ја зголемат продажбата“, вели Тина Михајловиќ од „Соларис Технолоџис Србија“ (Solarise Technologies)
Нивниот старт ап беше поддржан од ЕУ преку програмата „Крени се за работа“ преку која добија финансиска, но и менторска поддршка за бизнисот да го прошират и на поголеми електрани.
„Што се однесува до бизнисот, одамна излезе од границите на Србија што и беше наша цел. Почнавме од тука. Сите први клиенти беа од Балканот, главно од БиХ и Србија, а потоа кога го валидиравме производот и успеавме да го прошириме сега сме и во Европа на запад и во САД и Австралија“, вели Михајловиќ.
Повеќе од 620 километри или седум часа возење јужно од Нови Сад, во Призрен работи Бесим Дида. Коосновач и менаџер во „Протон кабел“. Компанија за производство на електрични кабли и жици. Фирмата постои од 2010-та година, но се се смени 10 години подоцна кога добиваат проект од ЕУ за да се зголеми вработеноста на ранливите групи.
„Проектот беше поделен на два дела. Едниот дел беше за купување машини за производство на специјални линии. ЕУ донесе нова директива со која се бара во зградите на јавните институции да се користат нов вид кабли без халоген. Во тоа време, никој во регионот не произведуваше вакви кабли. Рековме добро. Ајде да аплицираме за ЕУ грант, да купиме машини за производство на безхалогенски кабли и да произведеме наши компоненти. Со безхалогенските кабли произведуваме иновативен зелен нов продукт, а со нашиот иновативен план го заокружуваме кругот од суров материјал. Другиот дел од проектот беше, како што и се викаше проектот Поттикнување на вработеноста на ранливите категории. Направивме проект каде идентификувавме млади луѓе Албанци и малцинствата во Косово како Срби, Турци, Бошњаци и Роми. Ги идентификувавме овие млади луѓе и ги обучивме како да направат електрична инсталација. Обучивме околу 130 луѓе. На крајот од проектот како резултат на тоа, со овој проект, нашиот приход се зголеми 300%. Вработивме не само 15 луѓе, туку 35 во нашата компанија, а 53 други ги вработивме преку нашите партнери“, вели Бесим Дида од „Протон кабел Косово“ (Proton Cable)
Дида вели дека овој проект комплетно ја смени нивната компанија.
„Овие млади луѓе беа наши бренд амбасадори. Ние ги обучивме им покажавме како се произведува кабел, од суров материјал, од бакар до соединение до готов производ. Ги обучивме, теоретски и практично, така што тие станаа наши амбасадори“, додава Дида.
Европската унија дава финансиска поддршка на различни проекти кои отвораат можности за нови работни места, им овозможуваат на бизнисите да растат и да се трансформираат. И кога се во прашање процедурите за апликација за европски пари се мисли на долг процес и купишта документи. Но, Дида вели дека клучот е во тоа да се биде конкретен.
„ЕУ грантовите не се многу бирократски. Единствената работа е кога аплицирате за ЕУ грант мора да бидете многу внимателни со документите и многу конкретни. Добрата работа беше што ЕУ ни обезбеди стручњак кој ни помагаше како да одиме чекор по чекор со документацијата. Не само што ни дадоа грант, па да ни кажат правете што сакате. Не. Стручњак што го обезбеди ЕУ цело време контактираше со мене, бидејќи бев менаџер на овој проект. Таа нè водеше низ процесот. Ако има отворен повик треба да го направите вака. Не беше тешко. Ако си директен тие ти помагаат, ти го покажуваат патот. Како да го направиш ова. Треба само да ја следиш патеката“, објаснува Дида.
Овие искуствата од идеја до реализација можеа да се слушнат на креативната работилница што се одржа во Белград под слоганот ЕУ со тебе.
Марија Дивитарова
