Вести Најважни Свет

Трамп вели дека САД ќе го намалат военото присуство во Германија „многу повеќе“ од првичното повлекување од 5.000 војници

Американскиот претседател, Доналд Трамп, продолжува да го заострува курсот кон европските земји. По вчерашната најава дека САД ќе повлечат 5 000 војници од Германија, сега порачува – ова е само почетокот.

Зошто САД ги повлекуваат трупите од Германија? – беше прашан Трамп

Ќе го намалиме бројот значително, и ќе намалиме многу повеќе од 5.000 – одговори американскиот претседател.

Трамп не прецизираше што ќе направи следно, но се закани дека ќе следува и повлекување на американските војници и од Шпанија и Италија.

Тој всушност, жестоко ги критикува сите лидери на Европските земји кои не реагираа воодушевено на неговата одлука, заедно со својот најлојален сојузник, Израел да започне воени напади против Иран. Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, беше најдиректен во своите критики– изјавувајќи дека САД очигледно немаат јасна стратегија и цели во воената операција против Иран.

Не е тешко да се претпостави дека Трамп, кој со недели се обидува да ја увери американската јавност дека САД убедливо победиле во војната, веројатно најмногу го изнервирал коментарот на Мерц дека неговите преговарачи се понижени од иранското раководство.

„Ова е еден вид детска реакција. Германскиот канцелар Мерц ја критикува политиката на Трамп, и веднаш – бам, ги повлекуваат трупите. Нема никаква стратегија зад тоа, затоа што остануваат десетици илјади војници, па повлекување на 5.000 нема рационална или стратешка основа“ – оцени проф-др Свен Бископ, директор на програмата „Европа во светот“ при институтот Егмонт.

Иако Трамп често реагира емотивно на секоја критика на неговите политики и постапките, факт е дека неговата администрација во континуитет носи одлуки со кои ги нарушува односите со ЕУ, како што беше случајот со неговата опсесија да ја преземе контролата над Гренланд или пак постојана закана со воведувањето на царините за европските производи. Во најновата таква одлука, царините за европските автомобили беа зголемени на 25 проценти.

Во националната безбедносна стратегија од декември 2025-тата година, усвоена од Белата Куќа, Европа беше опишана и како континент на кој му се заканува цивилизациско уништување..

Но, овој пристап на Трамп, го загрозува и единството во НАТО, каде покрај САД, најзначајни членки се токму земјите кои најмногу го предизвикуваат бесот на американскиот претседател.

„Она што Американците го придонесуваат за нашата одбрана е сè што ние самите го немаме. Тоа се разузнавачки информации, безбедни комуникации, противвоздушна одбрана, командна структура, ракети со долг дострел. Не е само прашање на пари. Ако утре Американците кажат: „Тоа повеќе нема да биде достапно за одбраната на Европа“, ќе ни требаат неколку години да изградиме сопствени капацитети“ – додава Бископ.

Единствени лојални сојузници, администрацијата на Трамп гледа во крајната десница и популистичките лидери и партии  во Европа, кои најчесто жестоко се противат на официјален Брисел, како Фидеш во Унгарија, Националниот фронт на Марин Ле Пен во Франција, Алтернативата во Германија или Вокс во Шпанија.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

„Волстрит џурнал“: САД размислуваат за преместување на базите од Персискиот Залив, опција е Израел, сакаат да бидат надвор од дострел на иранските проектили

Sasko Dimovski

Во возило на кочаначенец најдени 1800 парчиња брендирана облека – шверцувал маички, дуксери, тренерки

Дејан Дејан

Почина македонскиот фолклорист Иван Котев

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе