Вести Македонија

Нов, поскап ценовник за собирање отпад во Тетово

Домаќинствата во Тетово кои досега плаќаа по 3,2 денари за метар квадратен во иднина ќе треба да платат 3,8 денари по метар квадратен по станбена површина.

Оваа промена е една од повеќето согласно новиот ценовник за услугата –  собирање и транспортирање на отпад кое го прави приватната компанија Саубермахер Тетово ДОО согласно јавно-приватно партнерство со општината.

Од фирмата образложија дека повеќе економски фактори влијаеле да побараат ново усогласување на цените за оваа услуга.
„Ние услугата ја презедовме во 2024 година кога депонирањето на собраниот отпад во регионалната депонија Русино чинеше 5 евра, а сега две години подоцна е зголемена за 40% и изнесува 8 евра по тон. Во моментот поради нерешени имотно-правни односи и други проблеми не може да се наплати услугата на 1,7 милион метри квадрати домаќинства и правни лица. Има зголемување на оперативните трошоци, почнат е процес на селектирање на отпад и слични причини кои се евидентирани во нашата анализа” посочија од Саубермахер на седницата на Советот на Општина Тетово.

Изменетите повисоки цени ги одобрија советниците од владејачкото мнозинство. Тие се пофалија дека иако фирмата Саубермахер понудила уште повисоки цени, тие прифатиле пониски.

„Цената за собирање отпад за домаќинства (станбена површина) во урбана средина: да се намали предложената цена да се намали од 4,2 МКД на 3,8 МКД по м2“ – вели советникот Алби Ќамили.
„Цената за собирање на отпад за домаќинства (станбена површина) во која живеат до 2 лица, е фиксна и ќе изнесува 600 денари, ако пресметаниот износ според метар квадратен и цена е поголема од 600 денари“
-додава советникот Ангел Карапетров.

Советниците од опозицијата посочија дека не е прифатливо да се зголемуваат цените за овие услуги, иако некои од нив побараат одредени бизниси да плаќаат повеќе, а граѓаните помалку.

„Нашиот предлог беше да има фиксна цена за домаќинствата за куќите што беше 600 денари на цела територија на општина Тетово и 300 денари за сите станови. Како и да се покачи цената за казината и обложувалниците која наш предлог беше 21 денар по метар квадратен но се прифати амандманот на мнозинството кое беше само 15 денари по метар квадратен“ – вели советникот Агрон Арифи.

„Во ваквите тешки моменти и економска криза каде граѓани одвај врзуваат крај со крај, какво и да е поскапување е неприфатливо во име на граѓаните“ вели советникот Живе Алексовски.

„Не може да носиме одлука што директно ќе го оптовари секое домаќинство. Ова не е заштита на граѓаните, ова е нов товар за нив. Бидете свесни граѓаните ќе знаат кој ќе го зголеми товарот“ -предупредува советникот Боби Илиевски.

Ценовникот предвидува и фиксни цени за повеќе категории на граѓани.

Александар Самарџиев

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ЕУ до 2029 година ќе воведе дигитално евро

Sasko Dimovski

Франција втор ден по ред го регистрира најжешкиот ден во историјата

Igor Trajkov

Трпеноски: Ситуацијата во Македонија е како трчање на лента, можете да истрчате 10-15 километри, aма трчате во место

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе