Четириесет и шестгодишен скопјанец, ветеран и сто отстотен воен инвалид од конфликтот во 2001 година, веќе 16 години талка по државните институции барајќи да си го оствари законското право за решавање на станбеното прашање. Ако тоа не е доволно, државата два пати го дала на извршител за да ја наплати киријата за објектот кој му бил доделен но оштетен во природна катастрофа и во кој тој одамна не живее.
Државата во 2003 година ќе му додели трошна барака од 36 метри квадратни во Општина Илинден, за номинална кирија како преодно решение до конечната одлука за станбеното прашање согласно законот за припадниците на безбедносните сили. Годините минуваат, решение нема. Во 2008 година бараката е трајно оштетена во поплава и излевање на вода од канали и околните септички јами.
„Самиот објект беше така направен што веднаш почна да се распаѓа. Веднаш беше информиран Сиз-от за станување, после тоа и комисијата лично одевме до таму. Решение или некое привремено сместување нe му дадоа како на воен инвалид и бевме оставени така без никој да не повика ниту да даде некое соодветно решение“, рече сопругата Ивана Митровска.
Во 2010 година почнува поднесување на барања за станбено згрижување а од другата страна – Владата, ЈП за станбен и деловен простор и владината Комисија за станбени прашања речиси секогаш по истекот на законскиот рок добиваат само негативни одговори дека нема слободни станови без правна поука или правен лек. Во меѓувреме, се активираат и извршители, противзаконски од воена инвалиднина, да наплатат киријата за руинираниот објект во кој не живее.
„Тоа што е воен инвалид му следува приоритeт. Законите му гарантираат приоритет. Има Устав кој треба да се почитува, има закон за воен инвалиди, закон за безбедносни сили кои државата треба да го почитува.. Воена инвалиднина не се извршува. Ние не живееме тука уште од 2008, мојот сопруг има приоритет при решавање на станбеното прашање. Првото барање му е 2010, последното барање му е 16.12. 2024 и треба да му одговорат во рок од 30 дена според законите за безбедносни сили наместо да му изнајдат соодветно решение и соодветно да го сметат некаде каде што е трајно наместо во ваков објект тие праќаат извршители и со тоа дополнително не понижуваат“, вели сопругата.
Бранителот и неговото семејство бараат помош од народниот правобранител кој отвара предмет и од мај до декември минатата година чека одговор од владината Комисија за станбени прашања околу предметот. По шестмесечен молк одговорот на Комисијата е дека предметот е обработен и предложен на фамозната „следна седница“.
Од Владата соопштија дека предметот на бранителот е пред разврска.
Ве информираме дека постапката е во завршна фаза. Информирани се сите институции и од нивна страна се доставени сите неопходни документи. Во моментов се очекува одржување на седница на Комисијата за станбени прашања на која ќе се разгледа предметот и ќе се донесе конечна одлука
Бранителот, неговата сопруга и трите деца остануваат во исчекување државата да почне да ги почитува и применува законите кои сама ги донела и да ја исполни законската должност обезбедувајќи му станбено решение.
Огнен Чанчаревиќ
