Осудителна пресуда за тројцата обвинети полицајци за случајот поврзан со пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ побара обвинителството во завршните зборови. Обвинителството тврди не ја извршиле службената должност при вршењето на контролите во дискотеката, а одбраната побара ослободување бидејќи нивната вина не е докажана. Обвинителката Спасенка Андонова изјави дека во текот на постапката биле изведени многубројни материјални и вербални докази кои ги покажуваат пропустите на обвинетите.
Според обвинителката, при контролите обвинетите Кире Богатинов, Горан Лазаров прифатиле усни претставувања од лице, односно од сопственикот на дискотеката Дејан Јованов Деко што не било соодветно легитимирано и не побарале потребна документација. Додека пак обвинетиот Александар Темелков при барањето за поведување прекршочна постапка, не ја проверил целокупната документација.
Гоце Ристов, бранителот на Темелков изјави дека обвинителството не доставило ниту еден доказ за прекршување на законот. Роберт Марков, адвокатот на Богатинов и Лазаров смета дека од сведочењата се покажало дека при спроведување на контролата полицајците немале право да бараат лиценца за работа.
Тројцата обвинети се гонат за злоупотреба на службената положба и овластување, бидејќи при контролите на „Пулс“ не постапиле во согласност со пропишаните правила и во записниците навеле неактивно правно и одговорно лице. Пресудата ќе биде изречена на 5 мај.
Марија Митевска
