Прилепчанец ја искористил маката на маж од Валандово кој барал лек за болната сопруга и со измама му зел 88.000 евра. Му прикажувал лажни документи и го убедувал дека ќе помогне да се организира лекување на сопругата во странство.
Измамата траела од јули до ноември 2025 година. Во меѓувреме сопругата починала, а прилепчанецот денеска е уапсен на граничниот премин Табановце.
Судија во Основниот суд Гевгелија му изрече мерки на претпазливост.
Од полицијата соопштија дека се работи за 44 годишен прилепчанец кој ќе одговора за кривичното дело„измама“.
„Одделот за криминалистичка полиција, во содејство со СВР Струмица – ОВР Валандово, презеде координирани мерки и активности за расчистување на случајот. Според досегашните сознанија, во периодот од јули до ноември 2025 година, осомничениот, со намера да прибави противправна имотна корист, довел во заблуда лице од Валандово, прикажувајќи лажни факти дека ќе помогне во организирање лекување во странство за неговата сопруга.
На тој начин, оштетениот во повеќе наврати уплатил вкупно околу 88.300 евра (5.549.200 денари), во меѓувреме, неговата сопруга починала“, соопшти полицијата.
