Сателитски податоци од вселената овој викенд се достапни за младите учесници на 11-тиот Касини Хакатон. Сите имаат една цел да го изнајдат најдоброто решение поврзано со проблемите со водата на локално и интернационално ниво.
Во фокус се три предизвици – како да се обезбеди правичен и ефикасен пристап до вода преку подобро управување, како да се спречи загадување на водата, реките, езерата и нивните крајбрежја, но и како да се превенираат потенцијални катастрофи како што се суши, поплави и поројни дождови.
„Водата не ја обединува само оние кои се занимаваат со природни науки тука треба да имаме и инженери што ќе програмираат одредено решение, луѓе од бизнис заедницата што ќе смислат бизнис план како тоа решение да се спроведе, така што добро е што се спојуваат повеќе страни на науката. Навистина се огромни предизвиците и проблемите со кои Македонија се соочува поврзано со вода, и во дел на наводнување на земјоделски површини, и во делот на водоснабдувањето, затоа што одредени извори се ставени под ризик, не се знае дали ќе имаме доволни извори за пиење, како и сушите кои се појавуваат“, изјави Александар Николовски, проектен менаџер во „Нетавил“.
Од вкупните 210 пријавени, селектирани се 110 млади, најголем дел студенти од различни факултети, поделени во 19 групи. Покрај можноста за победа, како највредно го истакнуваат дружењето.
„Ние моментално работиме на систем за детекција на алги во крајбрежје, и ние сакаме да ги предупредиме луѓето од избивањето на алги и да спречиме вдишување на токсичните гасови што се создаваат“, вели учесник на хакатонот.
„Конкретно ние правиме апликација којашто им помага на фармерите за да подобро стигнат до европскиот квалитет кој се бара за извоз од Македонија“, објаснува учесничка на хакатонот.
Во текот на денот се очекува да се прогласат победничките тимови кои ќе освојат парична награда од поддржувачите. Првопласираните наредната недела ќе ја презентира идејата со другите 9 европски земји учеснички на хакатонот, и ќе имаат прилика да освојат уште една награда на европско ниво, a понатаму да добијат менторство и да го реализираат решението во старт ап бизнис.
Tea Димковска
View this post on Instagram
