Единаесет македонски државјани загрижени за својата безбедност побарале од амбасадата во Tел Авив и МНР евакуација од Израел по стартот на воениот конфликт на Израел и Сад со Иран. За македонските државјани кои се наоѓаат во Катар, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Бахреин на располагање стојат конзуларните претставништва, а МНР ги соопшти и контактите доколку некој македонски државјанин има потреба за помош.
Воениот конфликт го затвори небото над Израел за воздушен сообраќај, а од МНР и амбасадата во Tел Aвив со препорака македонските државјани внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„ Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, информираат од МНР.
На македонските државјани кои се во Дубаи, Абу Даби, Катар и Бахреин, на располагање им стојат дежурни тимови од амбасадите во Доха и Абу Даби каде се отворени и СОС телефонски линии а 24 часа функционираат и два контакти во МНР. Засега од овие држави ниту еден македонски државјанин не побарал евакуација.
Министерот на надворешни работи Тимчо Муцунски, преку социјалната мрежа „ИКС“ соопшти Владата дава недвосмислена поддршка на САД и Израел.
„Ние стоиме зад нашите американски сојузници во справувањето со дестабилизирачките закани на Блискиот Исток.Соединетите Американски Држави јасно ставија до знаење дека дипломатијата е секогаш првата опција – но одвраќањето останува од суштинско значење кога постојат веродостојни ризици. Безбедноста, стабилноста и одговорноста одат рака под рака“, порача министерот Муцунски.
Министерството за надворешни работи, во екот на антирежимските демонстрации во Техеран и повеќе градови во Иран, на 13 јануари издаде предупредување до сите македонски државјани да ја напуштат државата и да се откажат сите планирани патувања кон Иран.
Огнен Чанчаревиќ
