Убиството во кумановски Челопек отвори сомнеж за можен сериски убиец. Откако 25-годишник беше уапсен дека до смрт претепал стара жена по што ја ограбил, сега обвинителството истражува уште една смрт на жена од околината. Првично не се појавиле сомнежи дека е убиена, но сега се бара ексхумација и обдукција. Истражителите имаат уште неколку сомнителни случаи.
Никој не се сомневал дека се работи за убиства во кои има неколку жртви, сè додека не се случи последното на старица во кумановско Челопек. Обвинителството го отвори прашањето дали на 25-годишно момче може на товар да му се стават повеќе убиства, наместо едно. Ова доаѓа откако беше откриено дека тој до смрт претепал 78-годишна старица во нејзиниот дом.
Точниот датум на убиството не е утврден, но од обвинителството велат дека грозоморниот чин се случил во периодот од 27 јануари до 12 февруари, кога беше пронајдена жената. Била стара и немоќна и живеела сама, а ја убил на спиење. Но, начинот на кој го сторил ова дело и поврзаноста на регионот во Старо Нагоричане и кумановско на истражителите им отвориле повеќе прашања.
„Со интензивни координирани дејствија во изминатите неколку дена на ОЈО Куманово и истражниот центар во тоа обвинителство, МВР и екипите на Институтот за судска медицина, обезбедени се докази кои укажуваат на поврзаност на овој настан со неколку други слични случаи во кумановско. Заради сличности во однос на изборот на жртвата и суровиот начин на извршување на делото се испитува дали и во тие случаи станува збор за убиства извршени од истиот сторител“, соопштуваат од Обвинителството.
Во моментов се прават и други вештачења и анализи, се собираат докази за да се потврди сомнежот на обвинителството. Во меѓувреме веќе се испитува смртта на уште една можна жртва.
„За една од потенцијалните жртви вчера беше наредена ексхумација и обдукција, од телото на починатата жена се подигнати траги и ДНК кои се вештачат“, додаваат од Обвинителството.
Инаку осомничениот веќе е во притвор, а наредено е да му се направи и психијатриско вештачење. Јавноста во Македонија се сеќава на неколку сериски убијци. Случајот со убиствата на жени во Кичевско, заврши со сомнителното самоубиство на сторителот, новинарот Владо Таневски. Но, за овие убиства сè уште во затвор лежи осудениот на доживотно Анте Ристески, а неговиот другар осуден на иста затворска казна како сериски убиец, се самоуби во Идризово.
Јавноста се сеќава и на Раскољников од населбата Ѓорче Петров, Виктор Карамарков, кој исто така е осуден на доживотен затвор за четири убиства. Во Охрид, пак, во 2008 година беше откриен серискиот убиец Лазе Радески.Тој ги убивал жртвите со удар со чекан во главата и нож, сите биле дилери на девизи, а работеле во истата фабрика „Застава“.
Билјана Николовска
Дигитална обработка: T.Д.
