Речиси илјада денари повеќе за само еден месец – толку е новиот товар што го носи семејниот буџет, покажуваат најновите пресметки за синдикалната минимална кошничка. Според пресметките на ССМ, за четиричлено семејство денес се потребни над 67 илјади денари или 1100 евра, за да се покријат основните месечни трошоци – храна, пијалоци, облека, сметки и другите неопходни давачки. И тоа е без луксуз, без одмори, без непланирани издатоци.
Доколку на оваа сума се додаде и кирија за стан од околу 60 квадратни метри, вкупните потреби надминуваат 1300 евра месечно. Според овој есап на синдикатите, дури и ако во едно домаќинство има двајца возрасни кои земаат минимална плата, нивните приходи не се доволни за да ги покријат трошоците што се сметаат за најосновни во текот на месецот.
„За два месеца од почетокот на годината, веќе го изеде најавеното усогласување на минималната плата кое функционерите сакаа да им го дадат на работниците за 1500 денари. Секое семејство е посиромашно за две илјади денари, за само два месеци. За 24 месеци односно онолку време колку што одбиваат да ја зголемат минималната плата, вредноста на синдикалната минимална кошница е зголемена за повеќе од десет илјади денари. И затоа наместо да се препукуваат на грбот на работниците, во парламентот и политичките партии да застанат со нив, да ја изгласаат минималната плата која треба да изнесува шестотини евра и да ги зголемат сите останати плати за најмалку шест илјади денари затоа што животот очигледно е дека само за функционерите и газдите е добар во Македонија, додека работниците тонат во сиромаштија“, кажа Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.
Сојузот на синдикатите пред три дена организираше блокада пред Владата, а претходно ги блокираа и влезовите на Собранието. Кон средината на март, ССМ ќе организира уште еден протест, а остануваат и на најавата за дваесет и четиричасовен генерален штрајк во јавниот и приватниот сектор.
Според законското решение минималната плата ќе се зголеми за околу 1.600 денари и ќе изнесува околу 26 илјади денари што ќе биде најнизок минималец од сите држави во регионот освен Косово.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение денеска возврати дека наместо декларативна грижа, нуди конкретни зголемувања на платите, почитување на колективните договори и стабилизирана инфлација. Од партијата тврдат дека за две години од позиција на власт ги преточиле ветувањата во реални бројки и системски решенија.
Петар Догов
