Додека Собранието денеска ја прифати оставката на поранешната претседателка на ДКСК и ревизорка Цвета Ристовска поради скандалите поврзани со неа, нејзината колешка исто така од ДКСК и ревизија седна во обвинителна клупа.

Татјана Димитровска е обвинета дека како претседател на антикорупциската комисија оддала тајна на обвинет во Адитив, но и дека со помош на нејзин колега од ревизија го положила тестот за сертификат за тајност.
Но нејзиниот адвокат обвинува дека со обвинението Обвинителството за гонење на организиран криминал и се осветува.
Причина за тоа како што вели Туфегџиќ е за тоа што таа го изготвила ревизорскиот извештај за бонусите кои ги земале обвинителите од СЈО.
Како доказ за ова била и изјавата на обвинителката Ленче Ристовска која се посомнева во објективноста на ревизорките Ристовска и Димитровска кои го изработиле а кои деновиве токму се употребува во кампања против нејзиниот избор за државен обвинител.
- Предметот е мотивиран пред се поради постапувањето на Татјана Димитровска со предметот со бонусите на СЈО, а тоа се докажува и со јавно дадената изјава на сегашниот кандидат за државен јавен обвинител Ленче Ристовска, рече Туфегџиќ.
Поранешните претседателки на ДКСК, Димитровска и Ристовска дојдоа на оваа функција од Државната ревизија.
И двете како ревизорки го ставиле својот потпис на извештајот за бонусите на СЈО во кој напишаа дека се земани сомнително.
Налог за да се изврши овој извештај даде истото обвинителство а тие соработуваа со него, но сега адвокатот на Димитриевска смета дека се ставило на страната на нивните колеги од СЈО. Обвинителката Ристовска не сакаше да ја коментира ваквата одбрана.
Обвинителите негираат било каква поврзаност и сметаат дека имаат доволно докази против поранешната претседателка на ДКСК.
- Обвинителството постапувало согласно доказите со кои располагало, кои што ги имало пред себе и кои што секако претставува законска обврска на обвинителството и на секој предметен обвинител којшто постапува по одреден предмет неводејќи сметка и неважно кој ќе биде обвинет, рече обвинителката во ОЈО ГОК Наташа Поп-Трајкова.
Инаку и Димитровска и Ристовска сами си дадоа оставки од Антикорупциската комисија. Димитровска откако беше објавена истрагата против неа, а Ристовска откако јавноста дозна за тоа дека има сомнежи за судир на интереси и прикривање имот на нејзините синови. За првата денеска се одржа подготвителното рочиште, додека за втората денеска собранието ја констатираше оставката.
Димитровска веднаш по тоа се врати во ревизијата, додека за Ристовска се уште не се знае дали ќе се врати како помошник на државниот ревизор.
Билјана Николовска
Б.С.
