Вести Македонија Топ вести

Ѓорѓиевски во Топ Тема: И да имам политичка штета јас сум решен да одам до крај со уривањето дивоградби – ред мора да има

Ќе добие ли Скопје пофункционален јавен превоз и подобра инфраструктура или најавите ќе останат само на хартија? Како се трошат средствата од градската каса и дали најавените уривања на времени и бесправно поставени објекти ќе донесат вистински ред во урбаниот хаос?

На овие прашања вечерва во „Топ Тема“ одговара градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

Тој порача дека бесправните објекти не се проблем од вчера, туку резултат на, како што рече, „неажурноста на институциите 30 години наназад“.

„Тоа не се проблеми од пред еден месец. Уште пред осамостојувањето, а и подоцна, им се дозволувало на одредени лица да узурпираат државно земјиште. Имаме објекти на паркови, паркинзи, па дури и на пешачки и велосипедски патеки, без никакво одобрение“, изјави Ѓорѓиевски.

Тој направи споредба со купување возило без документација.

„Не можам јас да купам возило без документи. А таму се купувало без документи, се препродавало без документи и во најголем дел од случаите тие објекти се издавале. Тоа е незаконски и јас сум решен да одам до крај“, нагласи градоначалникот.

Ѓорѓиевски информираше дека со дел од општините веќе се склучени меморандуми за соработка за заедничко постапување, а увид бил направен во Центар, Чаир и Карпош.  Како пример го посочи објектот во близина на „Холидеј Ин“, за кој било поднесено барање за легализација што било одбиено од Општина Центар.

„Не можете на булевар да легализирате објект, тоа не е согласно закон. Чекаме да помине законскиот рок и тој објект ќе биде отстранет“, рече тој.

Посочи дека веќе е урнат објект меѓу Драчево и Пинтија, и покрај поднесените жалби. Тој реагираше и на случаи каде објекти функционирале без договор со градот.

„Не може ресторан за свадби да има во двор на средно училиште. Не може некој да издава објект на трето лице по многу повисока цена, а најмалку две години да нема договор со градот. Таму веќе постапуваме“, изјави градоначалникот.

Во однос на институционалните надлежности, Ѓорѓиевски смета дека е потребна законска интервенција бидејќи, како што рече, во моментов постои „какофонија“.

„Моето барање е или Град Скопје да добие градежна инспекција или таа да се централизира, за да знаеме дека постапува една институција. Сега има простор за манипулации и злоупотреби“, нагласи тој.

Т.Д.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

СДСМ: Тепачка за фотелји и бизниси – реконструкцијата ја доведува власта до војна на кланови

Дејан Дејан

79 годишен возач удри и оштети шест паркирани возила во Охрид

Дејан Дејан

Изгор денови, на места и до 39 степени, спарни ноќи – топол бран до средината на наредната недела

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе