Претседателот на Собранието, кој е и поранешен претседател на Алтернатива, негира дека во „Вреди„ има раскол околу поделбата во раководните структури во партијата во која треба да се спојат сите субјекти што сега ја сочинуваат коалицијата. По шпекулациите дека Меџити и Касами бараат копретседателство и поголемо учество во партиските тела, вели дека не разговарале за проценти, туку за идеолошките принципи, концептот и програмата. Му дава целосна поддршка на актуелниот претседател на партијата, Беким Сали, за одлуките, какви и да се.
- „Бараме начин да се изврши окрупнување и во албанскиот политички кампус да има два блока, поделени идеолошки, како и во македонскиот. Сметаме дека тоа ќе донесе поголема стабилност. За нас е важно, принципот на одлучување да се темели на рамноправност и на консензуалност. Засега нема поголеми разидувања меѓу партнерите во коалицијата“, изјави Африм Гаши, претседател на Собрание.
Гаши потсетува дека и сега партиите во коалицијата имаат мораториум на одлучување на посебните партиски органи и дека одлуките се носат во рамки на коалицијата. Оттаму, и нема да биде проблем нивното распуштање по примерот на БЕСА, кои веќе го распуштија Централното претседателство.
Оваа коалиција сега ја сочинуваат пет политички субјекти-Демократско движење, БЕСА, Алтернатива, фракцијата на Алијанса за Албанците, предводена од Арбен Фетаи, независниот пратеник Беким Ќоку и претставникот на Движењето Арберија, Беким Фазлиу.
Очекувањата се дека нивното обединување ќе се официјализира веќе следниот месец. За раководење со партијата се разгледуваат повеќе идеи– ротација, копретседателство или модел со еден глас за секој независен член.
Далиборка Демјанска
Б.С.
