Десетици сендвичари и тобако киосци низ Скопје се ставени на список за уривање, откако општините донеле одлука за отстранување на дивопоставени објекти.
Сопствениците се загрижени и исплашени да зборуваат јавно, но стравуваат дека нивните објекти наскоро ќе бидат срамнети со земја.
Од градот пак порачуваат дека ќе се постапува секаде каде што има узурпација на велосипедски и пешачки патеки како и на зелени површини. Ред мора да има и нема да се прават отстапки кога станува збор за објекти поставени без документација, вели градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
- Има неколку примери во одредени општини. Пример општината од каде што доаѓам јас. Во сред амбуланта има поставено времени објекти без никаков документ, тоа е редот и достоинството коешто граѓаните го заслужуваат? Не. Ред мора да има и без разлика дали на некого тоа му пречи, тука сме категорични со колегите дека ред мораме да направиме. Еве на Битпазар има едно тобако невозможно да се функционира од тоа тобако, на сред велосипедска и пешачка патека. Ќе биде отстрането и таа порака сакам да биде јасна и сите да ја знаат- Орце Ѓорѓиевски градоначалник на Град Скопје.
Ѓорѓиевски уверува дека селективност нема да има и дека институциите ќе постапуваат согласно законот.
Додава дека во минатото на некои луѓе им било ветувано дека можат да градат или да работат без целосна документација и дека никој нема да ги чепка, а сега за нив ќе бара решение.
- Овие аномалии на системот колку и да се болни ние ќе гледаме да најдеме алтернатива да помогнеме на тие наши сограѓани коишто некој ги довел во заблуда во минатото ветувајќи им дека бесконечно ќе трае процес на узурпација или делување спротивно на закон. Ќе бараме начин да им помогнеме нив и имаме мерки како Град Скопје коишто ги планираме во таа насока за поддршка нивна, но мораме да постапуваме и тука законот е јасен- Орце Ѓорѓиевски градоначалник на Град Скопје.
Останува нејасно дали на сопствениците кои поднеле барања за легализација ќе им биде одобрено тие да продолжат со работа. Во меѓувреме општински служби а по барање на градот започнаа уривање на летните дискотеки за изградба на нов Луна парк.
Симона Петровска
Б.С.
