Вести Македонија

Бубевски ќе ја тужи Кадриу доколку не се извини за наводите против него додека бил обвинител во СЈО

Обвинителот во скопското обвинителство и доскорашен скопски јавен обвинител Гаврил Буевски преку јавно обраќање се осврна на наводите на адвокатката Лејла Кадриу кои во целост ги негира и тврди дека се обид, таа да го загрози неговиот професионален интегритет и да влијае врз неговото извршување на јавнобвинителската функција

Соиред него, мотивите за последниот и други слични настапи на Кадриу се јасни, но нема намера во ниту еден да им подлегне на тие лаги и манипулации

„Ќе ги искористам сите законски механизми за заштита, како што веќе направив и поднесов тужба и за лагите изнесени од уште еден адвокат – поранешен обвинител кој јавно настапува со истите намери и мотиви“, вели јавниот обвинител во јавно обраќање до јавноста

Бубевски смета дека станува збор за клевети изнесени од Кадриу (која е поранешенка обвинителка која беше разрешена) во телевизиско интервју на ТВ Алфа. Кадриу излезе со тврдења дека во згаснатото СЈО материјали се примале без записник и оти претставници на тогашното раководство на СДСМ често биле присутни во нивните простории. Таа говореше и за дел од обвинителите, притоа посочувајќи ги Ленче Ристоска, Гаврил Бубевски, Фатиме Фетаи и Лиле Стефанова, како главни соработници на Јанева, чиј збор секогаш се слушал.

Поранешната обвинителка наведе и дека Бубевски поседувал четири телефони кои ги носел на состаноците во СЈО, што на други им било забрането, а кажа и дека еден милион евра од буџетот од одобрените средства за работата на тогашното обвинителство, биле потрошени иако во тој период немало никакви активности.

Но, Бубевски ги негира наводите. Вистината, вели тој, е дека никогаш во неговиот живот немал четири мобилни телефони и дека како јавен обвинител во СЈО имал еден телефонски број што го користел цело време, а по враќањето во ОЈО Скопје, исто така користи само еден телефон.

-Мојот единствен, во моментов приватен телефонски број го знаат сите новинари и многу граѓани, бидејќи вистински верувам во начелото на транспарентност и на тој телефон секогаш сум бил и останувам отворен и достапен за сите прашања, реагира Бубевски кој негира било какво туѓо и политичко влијание во предмети кои ги работел.

Во голем дел од ситуациите што биле кажани од Кадриу во ТВ настапот, меѓу кои и за предавањето на прислушуваните материјали, тврди дека не се точни за него, бидејќи лично не бил присутен, за што додава има и соодветни докази. Записник за предавањето на материјалите е дел од доказите во предметот „Таргет-Тврдина“, наведува Бубевски.

Интервјуто на Кадриу на ТВ Алфа предизвика и политички дебати на партиски прес конференции. Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ тврди дека СЈО го раководеле луѓето од врвот на СДСМ, при што се повикува на настапот на Кадриу.

-На овој начин СДСМ, Заев и Оливер Спасовски, раководеле преку Катица Јанева со СЈО. Тие одлучувале кој предмет ќе треба да се работи, кој обвинител ќе го работи  и кои лица ќе треба да се опфатат и кој ќе треба да се одговара. Сите овие предмети меѓу другите обвинители ги работеле и Ленче Ристоска, Гаврил Бубевски, Фатиме Фетаи и Лиле Стефановска, додека Катица Јанева била само координатор, бидејќи немала познавање од материјата. Донесените кривични пријави, кои ќе повторам биле напишани на ливче и не биле запишани согласно закон од страна на оваа претходна четворка која ја споменав, биле пренесувани од ЈО, за да ги работи СЈО, поради желбата на Зоран Заев и СДС. Доколку некој не сакал да ги работи овие предмети, бил оттргнат од СЈО, како што е и случајот со поранешната обвинителка од СЈО, Лејла Кадриу, која вели дека не сакала да учествува во криминалот на Јанева и затоа била избркана од работа, рече Манасиевски.

СДСМ пак сметаат дека станува збор за обид на ВМРО-ДПМНЕ со напади врз СЈО, да предизвика амнестија на криминалните случаи на партиските припадници работени од ова обвинителство. Портапролката на СДСМ Богданка Кузеска тврди дека се прави и пат за враќање на Никола Груевски во Македонија.

-Клучниот чекор во ова сценарио е нападот врз СЈО и пресудите што произлегоа од неговата работа. Преку орбановите медиуми во Македонија, пред сè преку Алфа, веќе се води црна кампања со наратив за „политички прогон“ и „монтирани случаи“. Целта е јасна – дискредитација на предметите, релативизирање на пресудите и подготовка на терен за нивно поништување. Ова не е случајна медиумска офанзива. Ова е организиран обид да се избрише одговорноста за криминалот на поранешната власт и да се претстави бегалецот Груевски како жртва, рече Кузеска.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Запалени автомобилите на адвокатот Алиспахиќ

Дејан Дејан

Поради погрешен матичен број на полицаец вратен на работа со судска одлука- „застана“ здравственото осигурување на сите вработени во МВР

Дејан Дејан

ЦУК: Попладнево активни се три пожари во државата

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе