Плати или блокади. Синдикалците повторно на улица и повторно пред Собранието, каде ги блокираа влезовите за возилата на пратениците, во обид да го засилат притисокот и да издејствуваат што е можно поголемо зголемување на минималецот од законски предвидените 1.600 денари.
Како што беше најавено, синдикалците ги блокираа двете улици пред и зад Собранието меѓутоа средба со пратениците немаше. Од ССМ побараа народните избраници на денешната седница да ги бранат предлозите за 600 евра минималец и зголемување на сите плати за 6.000 денари, како што жестоко си ги бранеле пратеничките плати и патни трошоци.
Присутните на блокадите очекуваат дека пратениците ќе застанат на нив страна и стојат зад ставот дека 600 евра минимална плата е неопходна поради растот на трошоците за живот.
Синдикалците уште еднаш потсетија дека предлозите за законски измени за намалување на платите на избраните и именувани функционери за 80 проценти се напишани исто како и измените со кои како основ за пресметка ќе се земе минималецот а на просечната плата и дека ќе ги соберат неопходните 10.000 потписи за да влезат во собраниска процедура.
Блокадата на синдикатите продолжува во четврток, на стотина метри од Собранието, пред седиштето на Сојузот на стопански комори и организацијата на работодавачи. Во вторник следната недела, синдикалната блокада се сели пред Владата.
Огнен Чанчаревиќ
