Правосуден испит може да се полага само на македонски јазик, одговори министерот за правда Игор Филков по изјавата на неговиот колега и вицепремиер Беким Сали дека полагањето може да биде и на албански јазик. Во соопштението порачува дека поминало времето на правен релативизам, институционален хаос и селективна примена на нормите, туку воспоставување на јасни правила, правна сигурност и целосно почитување на уставниот поредок.
„Токму затоа, во врска со изјавите на вицепремиерот Беким Сали за полагањето на правосудниот испит на албански јазик, чувствувам обврска јавно, јасно и недвосмислено да реагирам, во интерес на Уставот, правниот поредок и институционалната сериозност на државата. Првенствено, Уставот мора да се почитува и не смее да биде предмет на слободни и дневнополитички интерпретации. Но, почитувањето на Уставот подразбира цело, системско и доследно читање на уставните и законските одредби, а не нивно селективно вадење од контекст за краткорочни политички пораки. Државата не функционира по принцип на лична проценка, професионален рефлекс или политички впечаток. Одлуките не се носат по чувство, туку по Устав и закон. Во правниот систем не постои категорија „има или нема волја“. Постојат уставни норми, законски решенија и институционални процедури“, се вели во дел од соопштението на министерот Филков.
Се посочува дека министерството за правда ја разгледало петицијата поднесена од студентите во врска со полагањето на правосудниот испит на албански јазик, при што внимателно се анализирани сите релевантни уставни и законски одредби.
„Законот за употреба на јазиците овозможува употреба на албанскиот јазик како службен јазик во постапките пред институциите, но неговата примена не може да се разгледува изолирано од другите системски закони што го уредуваат функционирањето на правосудството. Правосудниот испит претставува клучен предуслов за влез во судството, јавното обвинителство, адвокатурата, нотаријатот и извршувањето, при што сите овие закони експлицитно предвидуваат услов за активно познавање на македонскиот јазик. Полагањето на правосудниот испит на македонски јазик е во директна функција на проверка на таа јазична и стручна подготвеност, имајќи предвид дека сите постапки, одлуки и службени акти во правосудниот систем примарно се водат и донесуваат на македонски јазик и кирилско писмо, согласно Уставот и законите. Согласно член 7 од Уставот на Република Северна Македонија (Амандман VI), на целата територија на Републиката и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Уставната одредба јасно утврдува и дека употребата на друг службен јазик е дозволена под услови и на начин утврден со Устав и закон, без притоа да се дерогира уставната позиција на македонскиот јазик како примарен службен јазик. Дополнително, Законот за правосудниот испит не содржи одредби за полагање на правосудниот испит на друг јазик освен македонскиот јазик“, се нагласува во реакцијата на министерот за правда.
