Иако новиот Закон за високо образование содржи одредени позитивни решенија, во него има и сериозни недостатоци, особено во делот на автономијата на универзитетите и застапеноста на студентите во универзитетските совети, предупреди Антовска.
„Моите забелешки потекнуваат од тоа каков ќе биде универзитетскиот совет и како е тоа поделено. Зборуваме за автономен универзитет“, изјави Антовска.
Таа потсети дека според стариот закон, три члена во универзитетскиот совет ги именувал основачот на универзитетот, односно Собранието.
„Во новиот закон стои дека ќе се именуваат четири члена од страна на Владата, која треба да го извршува законот донесен од Собранието. Тука недостасува транспарентно објаснување дали Владата е основач на факултетите или доаѓаме до некаква нова законска регулатива“, нагласи таа.
Како особено проблематично, Антовска го посочи намалувањето на бројот на студентски претставници во универзитетскиот совет.
„Најголем проблем според мене, како човек кој до минатата година беше студент, е тоа што бројот на студенти се намалува од два на еден. Ќе имаме еден претставник од стопанска комора, еден студент и четири од Владата. Високообразовните институции постојат за студентите и нивниот глас мора да се слушне. Еден студент воопшто нема да биде задоволителен“, рече Антовска.
Таа алармираше и за измените поврзани со изборот на демонстраторите, кои, според неа, отвораат простор за злоупотреби.
„Мене ме загрижува што е тргната одредбата со која беше прецизирано на колку години демонстраторите ќе бидат реизбирани. Во стариот закон тоа беше јасно дефинирано, а сега нема рок“, посочи таа.
Според Антовска, ваквото решение создава два сериозни проблеми.
„Прво, факултетите можат да се најдат во позиција да ‘чуваат’ место за одреден кадар. И второ, вие како избрани може неограничено долго време да работите на тие факултети, во услови кои не ви ветуваат сигурност или напредок“, заклучи Антовска.
Т.Д.
