Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска продолжува судењето против поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев, кој заедно со двајца онколози е обвинет за несовесно лекување пациенти.
На денешното рочиште се предвидени сослушувања на вешти лица од Словенија, кои ги изготвиле медицинските вештачења за Обвинителството.
Случајот се наоѓа во доказна постапка под водство на судијката Снежана Марковска, а повеќе рочишта за сослушување на словенечките експерти се закажани во текот на неделава.
Според најавената динамика, кон крајот на март се очекува почеток на сослушувањата на вешти лица од Србија, кои исто така работеле медицински вештачења за Обвинителството.
Обвинението ги товари Васев и останатите онколози за несовесно лекување кај 29 пациенти, со примена на неподобни терапии и отстапувања во дозирањето, како и за злоупотреба на службената положба и проневера на над 2,2 милијарди денари од државниот буџет.
Една од обвинетите, Мери Пешевска, призна вина и беше осудена на условна казна од две години.
