„Вашингтон пост“, еден од најугледните светски медиуми, соопшти дека отпушта третина од вработените. Потегот предизвика шок, како меѓу колегите, така и во пошироката јавност. Меѓу најпогодените делови на медиумот се спортската редакција, повеќе странски дописништва и познатиот Book World, простор посветен на книжевните критики и интервјуата со автори.
„Болна, но неопходна“ е првиот коментар на главниот уредник Мет Мареј за донесената одлука и додаде дека „Вашингтон пост“ мора да се прилагоди на промените во технологијата и навиките на луѓето.
Како посебно алармантна вест одекна информацијата дека се отпуштени сите уредници и дописници за Блискиот исток.
Меѓу отпуштените е и Лизи Џонсон, дописничка на „Вашингтон пост“ од Украина која известуваше за војната во земјата.
„Штотуку сум отпуштена од „Вашингтон пост“ среде воена зона. Немам зборови. Скршена сум“, сподели Џонсон на Икс.
Покрај постот за отказот, таа означи и една од претходните објави во јануари во која отворено наведе за тешкотиите со кои се соочува во воена зона, но оти е горда што известува за „Вашингтон пост“.
„Будење без струја, греење или вода за пиење. Повторно. Но, работата овде во Киев продолжува. Загревање во автомобил, пишување со пенкало, мастилото се смрзнува. И покрај тоа колку оваа работа може да биде тешка, горда сум што сум дописничка на „Вашингтон пост““, напиша Џонсон во таа прилика.
С.Д.
