На пратениците им истече рокот, синдикатите излегуваат на блокади. Идниот вторник прво пред собранието, потоа следи бизнисот – коморите и Организацијата на работодавачи. На крајот ќе ја блокираат владата. Првиот човек на ССМ, Трендафилов соопшти дека рокот кој им се даде на пратениците да го променат законот за минимална плата за да скокне на 600 евра, а сите останати да се зголемат за најмалку 100 евра помина, па поради тоа синдикатите влегуваат во втората фаза од борбата за повисоки примања на работниците.
„На 17 февруари, вторник, кога Владата одржува седници, излегуваме да ја блокираме владата, ќе ги блокираме пристапите за да не може ниту еден претставник на владата, започнувајќи од претседателот на владата, па и министрите да дојде на седница со удобните службени возила, со службените шофери и да присуствува на истата да мора да поминат пешки покрај работниците да ги погледнат во очи, затоа што се срамат да ги гледаат работниците во очи“, изјави претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов
Паралелно, синдикатите утре ќе поднесат и иницијатива до собранието за измени на Законот за плати на функционерите со кои пресметката за нивните примања би се правела според минималната плата, а не согласно просечната како што е сега.
„Им даваме можност да покажат за да не овозможат дополнително зголемување на инфлацијата во Македонија со енормните нивни плати да ги намалат нивните плати за 40 проценти само со измена на оваа одредба во законот, дополнително да ги намалат коефициентите на сложеност за 40 проценти затоа што нивните плати изминатите две години се зголемија 80 проценти“, додава Трендафилов
Доколку и по ова не се слушне гласот на работниците, од ССМ одат на генерален штрајк, а не се исклучува можноста и од уште еден голем протест.
Министерот за економија Дурмиши, пак, и денеска го повтори истиот став кој го зборува со месеци- ако падне договор меѓу синдикатите и работодавачите тие ќе излезат во пресрет.
„Ние сме таму да им излеземе во пресрет на двете страни ние ја гледаме целата слика“, изјави министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши.
Но, уште многу одамна синдикатите и работдавачите постигнаа договор за повисок минималец од законскиот, а за разликата државата да ги покрие одреден период придонесите. Сепак од ССМ велат дека, иако пружиле рака двете страни, третата, Владата не го поддржува ова.
Минатата недела се одржа првиот протест на ССМ. Во меѓувреме, анализите покажуваат дека само Косово има пониска минимална плата од нас.
Ирена Чачкова
