Вести Македонија Најважни

ОЈО ГОКК: Не е кредибилна одбраната дека пронајдените 350 илајди евра не се на судијата Ристов

Пронајдените 350 илјади евра се на  осомничениот судија Ѓоко Ристов, а не на неговите родители возврати обвинителството на тврдењата на неговата одбрана. Соѕиданите илјадници евра беа пронајдени во куќата на родителите на Ристов во Неготино, а апелациониот судија се гони  за противправно стекнување и прикривање на имот, како и перење на пари.

Обвинителката која го води случајот Искра Хаџи-Василева на брифинг со новинарите информираше дека најпрвин биле извршени 3 претреси, за потоа во последниот во ѕид со различни плочки, при нивно кршење од дупката почнале да паѓаат парите. На претресот биле присутни членови на семејството, но не и Ристов. Немале дојава дека таму се парите, туку до сомнежот стигнале врз основа на оперативни сознанија.

„Таа одбрана која беше дадена и во обвинителство и во судот не не убеди, ниту се чини кредибилна наспроти  она што ние го имаме како доказ, односно случувањата на самиот претрес, вебралните докази и начинот на кој се најдени и чувани. Одбраната дека парите се од родители и од земјоделие мене не ме убеди. Истрагата продложува“, објаснува обвинителката Искра Хаџи-Василева.

Обвинителката додаде дека парите се уште не се повразни конкретно со некој поткуп, ниту сакаше да шпекулира за колку предмети имаат сомнеж дека судијата бил инволвиран во незаконски дејствија. Првите сознанија за вакво нешто ги добиле пред една година, а контурите почнале да се исцртуваат со апсењето на адвокатот и поранешен државен правобранител Фехми Стафа кој како бранител на бегалецот Љупчо Пецов Ѓаволот му зел 50.000 евра за да му „среди“ и подмити апелационен судија за замена на затворскиот притвор со домашен. Стафа беше фатен со 30 илјади евра во рака, а 20 илјади веќе биле претходно дадени.

„Не тврдиме дека парите стигнале до судијата.  Има сомнеж дека таму требале да завршат“, вели Хаџи-Василева.

Ни Стафа, ни Ристов биле под ПИ мерки.  Љупчо Пецов Ѓаволот веќе бил сослушан во обвинителството. Родителите на Ристов допрва ќе бидат повикани. Парите со банкноти од по 500 и 200 евра не биле никаде пријавени, а судијата се сомничи и за перење на пари бидејќи во тоа кривично дело спаѓаат и средства незаконски стекнати и сокриени.

Од Здружението на судии соопштија дека очекуваат истрагата да биде спроведена темелно, прецизно и без селективност, со целосна почит кон законските процедури и утврдување на сите релевантни факти и околности.

„Во случај на докажана корупција, Здружението на судии јасно и недвосмислено се оградува од секој корумпиран судија или носител на судска функција кој со своето незаконско постапување го нарушува угледот и интегритетот на судскиот систем“, соопштуваат од Здружението на судии.

Ристов e во куќен притвор и му е одземен пасошот, откако остана и без судскиот имунитет.

Марија Митевска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Алиу на панел-дискусија во Гостивар: Ќе бидам првиот што ќе се регистрира како органодарител

Дејан Дејан

Потпишан Договор за воспоставување заеднички гранични премини меѓу Македонија и Албанија

Дејан Дејан

Утре нов протест во Кочани – родителите на 63. загинати ја бараат вистината и правдата

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе