Најдобро рангираната македонска тенисерка Лина Ѓорческа во 2025 година играше на вкупно 25 турнири, што значи најмалку 25 недели била надвор од Македонија, па освен што играше тенис требаше да „води“ математика поради ограничениот број на 90 денови за престој во државите од Европска Унија.
За професионален спортист, чија сезона трае речиси цела година, а најголемиот дел од квалитетните турнири се одржуваат токму во Европа, ова правило за неа е вистински логистички предизвик. Воедно, ситуацијата ја става Лина во нерамноправна положба во однос на тенисерките од ЕУ, па нема простор за грешка во пресметката на деновите, ризикува забрана за влез во ЕУ.
„Па, за жал, мора нели да внимаваш цело време колку дена си во Европската Унија, колку не си, па доколку си негде на граница треба да бараш турнири што се надвор од Европа, на пример, на почеток на година Нова Година бев во Тунис три недели, па исто така во Турција некои такви држави, доколку си сигурен, нели, дека тие 90 дена ги исполнуваш, бараш турнири што се надвор од ЕУ“, вели Лина Ѓорческа.
Патувањата до местата на турнири носат трошоци, па само успешен тенисер како Лина може да опстои во ваков спорт. Поддршката од државата ја има, но е незначителна во споредба со потребите.
„Тој ваучер јас што го добивам можам едно патување, една карта во еден правец да купам максимум со ваучер, така да апсолутно не ми помага и немам никаква корист од тој ваучер на крајот од денот. Фала му на бога што сум успешна во она што го правам, па можам сама да си обезбедам и патувања, затоа што секој турнир е надвор од Македонија за жал во Македонија нема. Имаше еден турнир. И толку“, додава Ѓорческа.
Лина ја заокружи 2025 година на 204-тата позиција на светската ранг-листа. Достигнатите поени со играње на 25 турнири и неколкуте пласмани во финалните дуели ѝ овозможија 2026 година да ја почне на најпосакуваниот начин за секој тенисер – со настап на Австралија Опен, еден од четирите Гренд слем турнири.
„Можам да кажам дека 2025 година е успешна, затоа што целата таа ми донела Грен слем за почеток на година во 2026. Почетокот на годината не беше нешто најдобар, но од половина, па до крајот мислам дека беше совршена. Мислам дека имам шест финалиња од кои две или три освоени турнири, така да сето тоа е успешно за 2026 да ја започнам на најдобар можен начин“, смета Ѓорческа.
На ВТА светската ранг листа највисоката позиција 170-то место во светот Лина ја има достигнато во 2017 година кога имала 23 години.
Александар Самарџиев
