Вести Македонија

Нема да биде екстрадиран од Грција 60-годишен македонски државјанин баран за убиство пред 28 години

Македонскиот државјанин, баран со европска потерница за убиство пред 28 години што беше уапсен на крајот на мај годинава во грчкиот град Катерини, нема да биде екстрадиран во земјава, поради застареност на случајот, одлучил судот во Солун, објави грчката новинска агенција АНА-МПА.

Со отфрлање на барањето за екстрадиција, судиите одлучиле и да му ја укинат мерката притвор.

Убиството, за кое 60-годишниот беше баран со европска потерница се случило во Македонија во ноември 1997 година, а жртва бил 37-годишен македонски државјанин. Сторителот тогаш бил осуден на 15-годишна затворска казна, но побегнал во Грција, а пред шест месеци, беше уапсен во Катерини.

Според судскиот предмет и документите од македонското обвинителство, како што пишува АНА-МПА, 60-годишниот намерно предизвикал сообраќајна несреќа, а кога жртвата излегла од возилото да ги види оштетувањата, пукал кон него и го убил, додека пак една година подоцна се одржало судењето и бил осуден на 15 години.

Пред солунскиот суд, објаснил дека откако бил пуштен од притвор, побегнал и се преселил во Грција и дека сега има бизнис со соби за изнајмување во областа Пиерија.

Тој, преку своите адвокати, изјави дека во тој период служел во личното обезбедување на тогашниот претседател на државата, Киро Глигоров и дека бил на мета од политички причини. Според неговите тврдења, бил задржан во притвор 90 дена, по што бил пуштен на слобода, а потоа избегал со пасош издаден од властите на неговата земја и се преселил во Грција, пишува АНА-МПА.

Со оглед на тоа што изречената казна е пред 20 години, согласно грчкото кривично право е застарена и затоа судиите го отфрлиле барањето за негова екстрадиција во Македонија.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Конзервативниот коментатор Такер Карслон ги напушта Републиканците

Дејан Дејан

Претседателката Сиљановска-Давкова постхумно ќе ја одликува Наде Проева со Орден „8 Септември“

Дејан Дејан

САД привремено ги ублажи санкциите за нафта додека Иран ги негира тврдењата на Венс за нуклеарни инспектори

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе