Четири синџири маркети добија по 50 илјади евра казна, а Сојузот на стопански комори на Македонија заработи казна од 18,5 илјади евра. Комисијата за заштита на конкуренцијата утврди дека маркетите и Сојузот како координатор учествувале во забранет договор или усогласено однесување со што го прекршиле Законот за заштита на конкуренцијата.
„Во постапката е утврдено дека на состанок одржан на 5 февруари 2025 година учесниците постигнале усогласен став за неприфаќање нови или зголемени ценовници од добавувачите, со што ја замениле состојбата на независно пазарно однесување со состојба на практична координација. Овој вид на однесување по својата природа претставува т.н. „by object“ ограничување на конкуренцијата, кое е забрането без потреба од дополнително докажување на пазарни ефекти“, соопшти Комисијата за заштита на конкуренцијата.
Според Законот, на прекршителите им се закануваше казна од 10 отсто од годишниот приход, што се милиони евра, но во Комисијата велат дека се одлучиле на пониска линеарна казна, затоа што прекршокот бил направен само краток период. Комисијата наведува дека казните се со цел превенција на идни нарушувања и заштита на потрошувачите и пазарната конкуренција.
Сојузот на стопански комори за истиот случај во мај доби казна од 78 илјади денари поради давање неточни, нецелосни податоци и податоци кои можат да ја доведат во заблуда Комисијата.
Инаку, Комисијата за заштита на конкуренцијата ја отпочна постапката уште во февруари годинава по допрен глас.
Срѓан Стојанчов
