Фудбалската репрезентација на официјално најсиромашната држава на планетата, Хаити се избори за учество на Светското фудбалско првенство во 2026 на кое ко-домаќини ќе бидат САД, Мексико и Канада. За националниот тим на Хаити тоа ќе биде второ учество на Мундијалите по она во 1974 година.
Сензационалниот успех на Хаити е дотолку поголем ако се има предвид дека фудбалската репрезентација нема одиграно ниту еден натпревар на домашен терен веќе четири години. Земјата е во хаос, а пресметките меѓу бандите и насилствата на улиците траатво континуитет по атентатот врз претседателот Жовенел Моисе во 2021 година.
Бандите контролираат 85 проценти од главниот град Порт-о-Пренс, а во март во 2024 година го презедоа и националниот фудбалски стадион. Затоа, фудбалската репрезентација на Хаити беше принудена да се собира и престојува во различни земји, најчесто во Курасао и Суринам. Во Курасао ја дочекаа и селекцијата на Никарагва над која славеа со 2:0 во последното коло од групата Ц во КОНКАКАФ зоната во која беа уште и Хондурас и Костарика.
С.Д.
