Вести Македонија Топ вести

Вработени во Агенцијата за разузнавање без безбедносен сертификат

Сомнежи дека во Агенцијата за разузнавање (АР) има вработени кои немаат безбедносни сертификати отвора претставка поднесена до Државната комисија за спречување корупција (ДКСК). Анонимен подносител пријавил случај на вработен кој требало да биде отпуштен од работа поради тоа што не добил сертификат и уште четворица кои се вратени после суспензија, исто така, без сертификат, а вината ја гледа во директорката на агенцијата. ДКСК се прогласи за ненадлежна, а претставката ја испрати до собраниската комисија за надзор на агенцијата и до Претседателката Силјановска.

Два одделни случаи во една претставка од анонимен подносител стигнале во Антикорупциската комисија, покажува документ објавен на нејзината веб страница. Пријавувачот за првиот случај тврдел дека еден вработен во Агенцијата за разузнавање на почетокот од 2024 година добил негативен одговор од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информаци (ДБКИ) со што не му бил издаден безбедносен сертификат. Според подносителот, негативниот одговор од ДБКИ е услов за престанок на работен однос, па пријавил дека директорката на Агенцијата не постапила и не донела решение за суспензија, ни за отказ.

„Тој извршил и злоупотреба по основ користење на боледување, со цел да избегне добивање на решението за суспензија. На почетокот на септември 2024 година, посоченото лице потпишало спогодба за преземање во Министерството за внатрешни работи на РСМ, која била потпишана и од страна на министерот и од страна на директорката на Агенцијата за разузнавање“, се наведува во претставката од анонимен подносител.

За вториот случај, пријавувачот тврди дека лани во август директорката на Агенцијата за разузнавање вратила на работа четворица вработени кои претходно биле под суспензија. Тие, исто така, немале безбедносен сертификат поради утврден безбедносен ризик од Агенцијата за национална безбедност, тврдел подносителот. Но, биле вратени на работа, откако добиле одговор од второстепена комисија која делумно ги прифатила нивните жалби.

„Комисијата ги прифатила, но само во делот на прекршена процедура од страна на Агенцијата за национална безбедност, но со тоа не била поништена одлуката на ДБКИ според која на лицата не им се издавал безбедносен сертификат. И покрај ова, пријавената директорка донела одлука за поништување на суспензијата и враќање на наведените лица на работните места, иако била запознаена дека истите се уште претставуваат безбедносен ризик, со што е загрозена безбедноста на Агенцијата“, се додава во претставката од анонимен подносител.

Агенцијата за разузнавање не одговори на прашањата на Телма дали се точни ваквите тврдења. Во образложението, ДКСК не го објавува името на директорката Габриела Јаковлева која на оваа функција е од јуни во 2024 година и против која е поднесена претставката.

Комисијата на седница на 13 октомври се прогласила за ненадлежна и ја препратила до претседателката на државата и до собраниската комисија за надзор на работата на Агенцијата за разузнавање.

Од кабинетот на Силјановска Давкова, Телма не доби одговор како ќе се постапува додека претседателот на комисијата Скендер Реџепи потврди дека е стигната во Собранието, но дека ќе се разгледува од понеделник.

Билјана Николовска Тодорова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Клексан и Фраксипарин на Позитивна листа од јули

Sasko Dimovski

Реконструкцијата на Владата во завршна фаза – викендот се очекува нов круг разговори

Sasko Dimovski

Трамп со барање до Конгресот: Одобрете 87 милијарди долари за трошоците од војната со Иран

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе