Денеска продолжува судењето за ексдиректорот на затворот „Скопје“ во Шуто Оризари, Филип Андонов-Сокол, откако претходното беше одложено поради отсуство на неколкумина вработени. Од Основниот кривичен суд Скопје тогаш соопштија дека рочиштето е отповикано поради здравствени причини на јавниот обвинител, а дополнително дел од обвинетите требало да присуствуваат на погреб.Андонов и шестмина затворски полицајци се обвинети дека на петмина осуденици им овозможувале привилегии што не им следувале според судските одлуки, како излегување од затвор за приватни потреби. Тие се товарат за злоупотреба на службената положба и несовесно работење во службата, но сите се изјаснија дека не се чувствуваат виновни. Обвинението беше поднесено во јули годинава, по претходна акција на МВР и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Андонов тврди дека за време на неговото раководење никогаш не го прекршил Законот за извршување санкции и дека обвиненијата се неосновани.
Продолжува судењето за поранешниот директор на затворот во Шутка
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.
