Министерот за транспорт и врски Александар Николоски во вечерашната Топ Тема се осврна и на прашањето – Зошто проектот за брзата пруга не е предвиден во буџетот или во приоритетните цели на министерството?
„Прво, секогаш се прави ребаланс на буџетот, а второ, ова е многу сериозен проект. Фактурите ќе бидат двогодишни, односно полугодишни, и очекувам фактурата за 2026 година да стигне во јануари 2027 година“ изјави Николоски.
Во врска со финансиерот, Николоски рече дека изборот во предквалификацијата најверојатно ќе биде и финален.
„Да. 99%, за разлика од други проекти, овде финансиерот ја има водечката улога, што е одлично. Кредитот ќе почне да се враќа по завршување на петгодишниот рок на изведба, што гарантира дека ќе биде завршен навреме“, додаде Николоски.
Николоски истакна дека проектот ќе користи локални ресурси и работна сила, со минимално учество од Велика Британија од 20–30%. Во однос на критиките на Европската комисија за реструктурирањето на железници, Николоски истакна дека нивниот поглед е либерализација, а поглед на Македонија не може да издржи либерализација.
На прашањето како ќе се обезбеди позитивен финансиски резултат, тој додаде дека стратегија е да се зголемат приходите и да се креира одржлив раст без масовни отпуштања, за разлика од моделите што се применуваат во соседните земји. Проектот за брзата пруга, според Николоски, ќе започне со градежни активности на пролет 2026 година, а првите километри се очекуваат од лето или најдоцна есен истата година.
Т.Д.
