Украинската војска соопшти дека во тек e комплексна операција во која учествуваат специјални сили за протерување на руските војници кои се инфилтрирале во Покровск, упориште во источниот регион Донецк, кој е под зголемен притисок.
Украинските власти неодамна соопштија дека најмалку 200 руски војници се инфилтрирале во градот, а воените набљудувачи стравуваат дека тој би можел да падне под руска контрола откако со месеци беше во центарот на конфликтот.
„Сложената операција продолжува со уништување и протерување на непријателските сили од Покровск. По моја наредба во градот дејствуваат комбинирани сили за специјални операции, вклучувајќи единици на Безбедносната служба на Украина (СБУ) и Воената разузнавачка служба на Украина (ГУР)“, изјави Александар Сирски, Врховен командант на украинските вооружени сили.
Според него, тоа е моментно најтешката област на фронтот, а руските сили со неколку илјади војници се обидуваат да се инфилтрираат во населбата Покровск-Мирноград и да ги пресечат украинските линии за снабдување.
„Меѓутоа, нема опколување или блокада на овие градови. Вложуваме максимални напори да обезбедиме логистичка поддршка“, рече Сирски и најавииспраќање на засилувања во единици и опрема, вклучително и беспилотни летала, во областа.
Руското Министерство за одбрана во текот на денот соопшти дека „уништило“ група од 11 припадници на специјалните сили на ГУР, распоредени со хеликоптер околу еден километар северозападно од Покровск. Украински воени извори, цитирани од неколку локални медиуми, подоцна го негираа тврдењето на Москва.
