Милка Митрова од скопско Маџир Маало денеска го пречека избирачкиот одбор на куќниот праг. Вели дека секогаш гласа на избори, но веќе неколку години на масата во својот дом од каде што преку телевизија ги следи сите изборни процеси. „Граѓанска должност има секој и сите треба да гласаат“, рече Митрова, пред да ги помине процедурите за гласањето.
„Секогаш гласаме на изборите, не сме оставиле до ден-денеска. Не сме способни, шест години нѝ доаѓаат тука и гласаме за било кој. Чекаме да ги бутнат овие стари згради и да направат нови згради, да се преселиме и барем некоја година да поживееме во нови згради. Треба секој да излезе и да гласа, секој што може. А, тој што не може, дома нека му дојдат и нека гласаат“, изјави Милка Митрова која гласаше во Општина Центар.
„Навремено ги подигнавме материјалите од Општинската Изборна Комисија, го средивме нашето избирачко место и потоа се упативме кон лицето коешто претходно, нели, се најавило дека сака да гласа, бидејќи спаѓа во категоријата на болни и изнемоштени лица“, рече Благица Клинчарова, претседателка на избирачки одбор на ИМ 2830.
Таа е една од 4.826 болни или изнемоштени лица кои можат да го остварат своето право на глас во вториот круг од локалните избори, во 32 општини и во Градот Скопје. Се гласа и на други места каде што има втор круг. Вака беше денеска во Општината Чешиново-Облешево.
„Секој треба да излезе на гласање. Како е, така е. Секој треба да си го даде гласот. И да биде добро за сите, како за нас, така и за децата“, вели Драгица Ристова која гласаше во Општина Чешиново и Облешево.
Процедурата за ваквото гласање во домашни услови е строго утврдена. Лицата морале навреме да поднесат барање до комисијата, која потоа испраќа мобилни тимови со гласачки материјал. Гласањето се одвива во присуство на членови на избирачкиот одбор, со цел да се обезбеди тајност и регуларност на постапката.
Петар Догов
