Комисијата за спречување и заштита од дискриминација денеска на седница ќе расправа, а се очекува да донесе и мислење дали постои дискриминација во случајот со градоначалникот на Кичево, Фатмир Дехари. Предметот беше отворен по претставка која до Комисијата пристигнала на 17 октомври, по објавувањето на аудио-снимки на кои, наводно, се слуша актуелниот градоначалник како користи понижувачки и навредливи изрази кон жени вработени во Општината. Од Комисијата информираат дека постапката е во завршна фаза и дека се разгледуваат сите околности и докази поврзани со случајот, вклучително и изјавите на засегнатите страни. По разгледување на материјалите, членовите на Комисијата ќе донесат мислење со кое ќе се утврди дали станува збор за дискриминација по основ на пол и род, како и дали постојат елементи на вознемирување на работното место.
